вторник, 14 април 2026

Кина објави план за мир на Блискиот Исток: „Американската блокада на иранските пристаништа е опасна и неодговорна“

Кинескиот претседател Си Џинпинг изнесе предлог во четири точки за постигнување мир и стабилност на Блискиот Исток, пренесуваат кинеските државни медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во својот предлог во четири точки, Си Џинпинг повика на:

Почитување на „принципот на мирен соживот“ и „промовирање изградба на заедничка, сеопфатна, кооперативна и одржлива безбедносна архитектура за Блискиот Исток и регионот на Заливот“.

Почитување на државниот суверенитет, вклучително и заштита на персоналот, објектите и институциите.

Почитување на меѓународното право, кое не смее „да се користи кога е погодно, а да се напушта кога не е… не смееме да дозволиме светот да се врати на правото на посилниот“.

Сите држави да „ги усогласат развојот и безбедноста“ и да „создадат поволна средина и да внесат позитивна енергија во развојот на земјите од Заливот на Блискиот Исток, наведува агенцијата Синхуа.

Си Џинпинг го изнел предлогот за време на средбата во Пекинг со еден од клучните политички актери од Обединетите Арапски Емирати, престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Калед бин Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Војната меѓу Соединетите Американски Држави и Израел против Иран имаше индиректни последици и врз Кина. Извозот значително забави во однос на претходните два месеци, пред сè поради растечката неизвесност и влијанието на конфликтот врз цените на енергијата и глобалната побарувачка.

Сепак, дел од економистите сметаат дека Кина успеала да се заштити од најтешките последици од војната. Тие наведуваат дека големите резерви на нафта и диверзифицираните извори на енергија го ублажуваат ударот од конфликтот.

Следниот месец претседателот на САД, Доналд Трамп, треба да се сретне со Си Џинпинг во Пекинг, откако средбата беше одложена поради војната со Иран.

„Американската блокада на иранските пристаништа е опасна и неодговорна“

Кинеското министерство за надворешни работи соопшти дека американската блокада на иранските пристаништа е „опасна и неодговорна“ и предупреди дека ќе ги влоши тензиите, пренесува Ројтерс.

Портпаролот на министерството, Гуо Ѓиакун, изјави дека Соединетите Американски Држави, и покрај привремениот прекин на огнот договорен меѓу вклучените страни, ја засилиле воената присутност и вовеле целна блокада, што дополнително ќе го заостри конфликтот, ќе го наруши кревкото примирје и ќе ја загрози безбедноста на пловидбата низ теснецот.

„Ова е опасно и неодговорно однесување“, нагласи тој на редовната прес-конференција.

Тој исто така остро реагираше на извештаите во американските медиуми дека Кина му испорачала или се подготвува да му испорача воена опрема на Иран.

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата се закани со царини од 50 проценти на кинеската стока.

Гуо Ѓиакун повторно ги отфрли тие извештаи како „измислени“.

Кина ќе преземе „одлучни контрамерки“ доколку Соединетите Американски Држави продолжат да го користат тоа како изговор за воведување дополнителни царини, предупреди тој.

Во меѓувреме, Пекинг се позиционира како бранител на меѓународното право и суверенитетот на државите од Блискиот Исток, нагласувајќи ја својата подготвеност да продолжи да игра „конструктивна“ улога за мир.

Кина ги повика сите страни да го почитуваат прекинот на огнот, да останат посветени на дијалог и мировни преговори, да преземат конкретни чекори за намалување на регионалните тензии и што поскоро да го обноват нормалниот сообраќај низ теснецот, додаде Гуо.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ