Книгата ја раскажува приказната за девојчето Тина, кое има голема љубов кон музиката и сонува да стане ѕвезда. Преку нејзината приказна се испраќа порака дека со храброст, поддршка од пријателите и верба во себе, секој сон може да стане реалност.
Промоцијата ќе има инклузивен карактер, а како специјални гости најавени се Дац и Александар, Ана Витанова – инспирација за главниот лик во сликовницата, како и Марија Савеска.

Сликовницата „Големиот сон“ неодамна го освои првото место на Саемот на книгата за поттикнување општествена одговорност, признание што го доделува Македонската асоцијација на издавачи. Според жири-комисијата, делото има за цел да поттикне прифаќање на различностите и да испрати порака дека тие не треба да бидат пречка за остварување на соништата.
„Големиот сон“ е издание на „Прозарт медиа“, а објавувањето е поддржано од повеќе компании и институции.






