сабота, 30 мај 2026

Отворен конкурсот за 17. Школа за млади лидери на поранешниот претседател Ѓорге Иванов

Кабинетот на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов информира дека денеска е објавен конкурсот за учество на 17. Школа за млади лидери. Темата е „Нов свет. Ново лидерство. Нов прагматизам“, која, како што се наведува од Кабинетот, ја одразува потребата од нови пристапи во лидерството и одговорно дејствување во услови на забрзани глобални промени и предизвици.

Објавено на

часот

Сподели

Школата ќе се реализира во периодот октомври – ноември 2026 година и ќе опфати онлајн менторска програма, онлајн предавања и еднонеделна програма во Охрид, од 1 до 8 ноември 2026 година. Рокот за пријавување на конкурсот е до 30 јуни 2026 година, а апликациите се поднесуваат електронски на https://youngleaders.com.mk/apply/.

Бројот на учесници на школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади од Република Македонија и од странство кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот.

Програмата на школата е наменета за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат своите лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и нивната околина.

Школата опфаќа интерактивни предавања од реномирани предавачи и говорници од земјата и од странство, панел дискусии, работилници, тимска работа на проектна задача, како и менторска програма преку која учесниците добиваат можност за индивидуална работа и насоки од членови на алумни заедницата на Школата кои веќе имаат изградено успешни академски и професионални кариери.

Програмата е прилагодена да одговара на потребите на младите генерации и да обработува теми кои се од особен интерес за нив. Со планираните активности се стремиме да ги поттикнеме и охрабриме младите учесници да размислуваат аналитички и да дејствуваат како лидери – да иницираат и предводат промени, да стекнат самодоверба, да ги развиваат своите вештини, да ја поттикнуваат својата креативност, подготвено да одговараат на предизвиците со кои се соочуваат и да придонесуваат кон изнаоѓање решенија, притоа вложувајќи во својот професионален и личен развој.

„Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 16 изданија на школата учествуваа 625 млади луѓе од Македонија и од околу 40 земји од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Речиси 450 предавачи и говорници од Република Македонија, Европа и светот одржаа предавања пред шестнаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери. Во 2018 година, Школата за млади лидери на претседателот Иванов беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели“, наведува Кабинетот на поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов.

Повеќе информации за конкурсот се достапни на веб-страницата и на профилите на социјалните мрежи на Школата за млади лидери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ