Во 2024 година оваа стапка на пораст била 2,0%, значи во 2025 година имало намалување на стапката на пораст на глобалната побарувачка на енергија. Како причини за ова се наведуваат: побавниот раст во енергетски интензивните индустрии во некои региони, пониските температури во однос на 2024 година кои доведоа до помала побарувачка за ладење и подобрувањата на енергетскиот интензитет, односно повисоката енергетска ефикасност.
Интересно е да се знае структурата, односно стапките на растот на вкупната побарувачка според изворот на енергија. Тоа е прикажано на приложената слика.

Стапки на раст на побарувачката на енергија според изворот (2025 година)
Во графикот не е прикажана хидро енергијата бидејќи нема раст на нејзината употреба, стапката е нула проценти.
Гледано поединечно според изворот на енергија, најголем поединечен раст имаат сончевите фотоволатици и тоа претставува 27% од вкупната глобална стапка на пораст, но потоа следуваат природниот гас со 17% и нафтата со 15%. Ова е прв пат во историјата на енергетската побарувачка да се случи еден обновлив извор на енергија (ОИЕ) да има поголем годишен раст отколку природниот гас и нафтата. Исто така, интересен е фактот што ако се соберат стапките на пораст на изворите со ниски емисии (сончева енергија, ветер, нуклеарна енергија, хидроенергија и други обновливи извори), тие имаат придонес од 60% од вкупниот раст на глобалната побарувачка.
Најголеми стапки на раст на побарувачката на енергија имала Кина заради нејзиниот интензивен индустриски развој, а на второ место се САД заради силната побарувачка за електрична енергија од центрите за податоци.
Во однос на финална енергија, најголем пораст има електричната енергија со стапка двојно поголема во споредба со останатите побарувачки на енергија. Ова е очекувано бидејќи светот се наоѓа во фаза на енергетска транзиција при која се оди на користење на електрична енергија произведена од ОИЕ. Карактеристично е тоа што во САД половина од порастот на електричната енергија се однесува за центрите за податоци.
Да напомнам дека овој преглед на структурата на побарувачка на енергија во светот се однесува за 2025 година. Со голема веројатност може да се прогнозира дека за 2026 година ќе има изменета структура на стаплките на раст на енергија, особено по воениот конфликт во Персискиот Залив. Исто така, значително влијание ќе имаат трендовите за зголемена продажба на електрични возила, потребата од електрична енергија за топлинските пумпи за греење, како и изградбата на голем број центри за податоци. Политиката на престедателот на САД Доналд Трамп во однос на климатските промени ќе влијае на поголемата примена на фосилни горива во таа земја, но и во некои други кои што ќе ја користат политиката на САД како изговор да го следат тој пример.
Радува фактот што во денешната сложената геополитичка ситуација и енергетски кризи, соларната електрична енергија има најголема стапка на раст, но фосилните горива (природен гас, нафта и јаглен) и понатаму имаат солиден раст на нивната употреба и покрај тоа што тие се главен причинител за климатските промени. Уделот на производството на електрична енергија од сончеви фотоволтаици и од ветерни турбини во Европската Унија во 2025 година достигна 30%, за прв пат надминувајќи го оној од фосилните горива.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје











