петок, 29 мај 2026

Израел и Русија на црната листа поради сексуално насилство во конфликтните зони

Обединетите нации денес ги додадоа Израел и Русија на црната листа на земји за кои постои сомневање дека вршат сексуално насилство во конфликтни зони, што го поттикна израелското Министерство за надворешни работи да соопшти дека ќе ги прекине сите врски со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Годишниот извештај на Гутереш до Советот за безбедност на ОН за сексуалното насилство поврзано со конфликти оди чекор понатаму од минатата година, кога ги стави Израел и Русија „под предупредување“ дека би можеле да бидат додадени на списокот на страни „за кои постои основано сомнение дека извршиле или се одговорни за модели на силување или други форми на сексуално насилство“.

Најновиот извештај токму тоа го прави, содржи потресни описи на злоупотреби од страна на израелските и руските вооружени и безбедносни сили.

Хамас, чиј напад врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Газа, веќе беше на црната листа, а израелскиот амбасадор во ОН, Дени Данон, во објава на мрежата Икс во четвртокот изјави дека поврзаноста на Израел со милитантната група е „ново дно“.

„Ова е политичка одлука! Одвоена од фактите и реалноста!“, напиша Данон во втората објава од израелската мисија во ОН, наведувајќи дека бил информиран за ова за време на телефонски разговор со Гутереш.

Руската мисија во ОН не одговори веднаш на барањето за коментар.

Додавањето на листата не носи автоматски посебни казнени мерки како што се санкции, иако јавното именување може да предизвика значителна штета на угледот на вклучените земји, а на оние кои постојано се наведуваат на листата им е забрането да учествуваат во мировните операции на ОН.

Денон рече дека Израел детално одговорил на секое обвинување и ги поканил претставниците на ОН да ја посетат и да ја истражат ситуацијата, но дека одлучиле да не го сторат тоа.

„Со оглед на тоа што Антонио Гутереш одлучи да ги прекрши сите стандарди на чесност, интегритет и професионализам, Израел одлучи да ги прекине сите врски со канцеларијата на генералниот секретар и ќе чека назначување на нов генерален секретар на ОН“, објави министерството на мрежата Икс.

Новиот генерален секретар на ОН треба да биде назначен подоцна оваа година.

На прашањето за коментарите на Данон за време на редовниот брифинг во четврток, портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, рече: „Можам да ви кажам дека, од перспектива на генералниот секретар, неговата врата останува отворена за израелските претставници, како и за другите 192 земји-членки и две земји набљудувачи“.

Силувања и групни силувања

Во извештајот оваа година се наведува дека „Обединетите нации во текот на 2025 потврдиле повеќе инциденти на сексуално насилство поврзано со конфликти, вклучувајќи го и како форма на тортура, врз 14 мажи, седум жени, девет момчиња и едно девојче од Појасот Газа и Западниот брег“.

Се наведува дека 13 случаи се случиле во 2025 година, а 18 во текот на 2023 и 2024 година.

„Прекршувањата вклучуваат силување, вклучувајќи и со предмети, групно силување, обид за силување, физичко насилство врз гениталиите, насочено пукање во гениталиите, допирање на градите и гениталиите, соблекување и претреси на телото без очигледна причина, присилна голотија и закани за силување“, се вели во извештајот.

Се наведува дека меѓу преживеаните имало новинари и активисти за човекови права, како и дека во некои случаи злоупотребите биле снимани или фотографирани, вклучувајќи еден случај на силување.

Во извештајот се додава дека сексуалното насилство врз притворените жени главно вклучувало закани за силување, присилна голотија, несакани допири и понижувачки прегледи без оправдување, додека мажите и момчињата биле цел на силување, обид за силување и насилство врз гениталиите.

Како резултат на тоа, пет машки жртви претрпеле сериозно ректално крвавење или оток со денови или недели, се вели во соопштението.

Во извештајот, исто така, се наведува дека Мисијата на ОН за мониторинг на човековите права во Украина потврдила 310 случаи на сексуално насилство поврзано со конфликтот, извршено од руските вооружени и безбедносни сили.

Се вели дека случаите, вклучувајќи силување, групно силување, генитално осакатување, електрични шокови и тепање на гениталиите, се однесуваат 280 мажи, 26 жени и четири девојчиња.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ