четврток, 28 мај 2026
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Половина век љубов, верба и надеж

Поминаа 9.870 дена откако Њу Јорк Никс последен пат играа во финалето на НБА. Тоа се 27 години, два месеци и 12 дена. Генерација њујорчани се роди, порасна, дипломираше, започна кариери и создаде свои семејства, но никогаш немаше можност да го види кошаркарскиот тим на нивниот град како игра во големото НБА финале за шампионска титула.

Една мала споредба за помладите фанови на НБА лигата: последниот настап на Никси во финалето во 1999 година беше 5 години пред појавата на Фејсбук, осум години пред да се појави Ајфон, седум пред Твитер, а првите „паметни телефони“ се промовираа речиси една деценија подоцна.

Но, еве ги сега, по цели 27 години повторно таму каде што секоја екипа и секој играч во лигата посакува да настапи – во големото НБА финале. Интересно, кога се огласи последната сирена во „Рокет Арена“ во Кливленд, неколку скоро надреални секунди немаше никаква реакција на кошаркарите на Њу Јорк. На семафорот стоеше 130–93, а Џејлен Брансон, Карл-Ентони Таунс, ОГ Ануноби, Микал Бриџис, Џош Харт, стоеја во еден вид колективна неверица, како големината на успехот сè уште да не стигнала до нивната свест.

Што точно значи овој пласман на Њу Јорк во големото финале? Одговорот зависи од тоа кого прашувате и од кој аспект анализирате. За кошаркарските историчари, тоа значи крај на најдолгата активна серија на пропуштени НБА финалиња од цели 53 години. Крај на една неславна низа од 20 години, од 2000-та до 2020-та во која овој тим оствари процент на победи од само 41%, што е најлош резултат во целата лига низ тој период. За градот Њујорк и њујорчани пак, овој пласман значи сѐ. Ова е најголемата награда за нив. Тие никогаш не престанаа да верувуваат, никогаш не се откажаа и никогаш не престанаа да го полнат „Медисон сквер гарден“. Останаа верни „до коска“, дури и кога резултатите на теренот не им даваа апсолутно никаква причина да доаѓаат и да навиваат.

Но, за да се разбере што значи овој пласман во финалето, мора да се погледне назад кон тоа што, според речиси секоја објективна мерка, беше вистинска катастрофа за еден од најпопуларните тимови во светот. Од сезоната 1999-2000 до 2019-20, Никси победија во само 693 натпревари, а загубија 997. Процент на победи од 41% што ги рангираше како последни во НБА во тој 20-годишен период. Победија во само три плејоф серии во текот на тие две децении, од нив две во 2000, а од 2001 до 2020 година, само во една и тоа 2013-та против Бостон. Сменија 14 главни тренери. Секој од нив пристигнуваше со прес-конференција полна со ветувања и си заминуваше со соопштение полно со еуфемизми од типот „клубот и тренерот се движат во нова насока“. Попат направија еден куп пропусти за големи пари. Го потпишаа Амаре Стадемаер со максимален договор од безмалку 100 милиони долари во очаен обид да го привлечат Леброн Џејмс, кој замина во Мајами. На Кармело Ентони му платија 189 милиони, за да добијат само еден пласман во втората рунда од плејофот низ неговите 8 години во клубот. Го ангажираа Јоаким Ноа со четиригодишен договор од 72 милиони долари. Резултат – нула. Сопственикот, Џејмс Долан, стана фигура за потсмев, милијардер кој ангажира некомпетентни менаџери, се меша во секоја одлука божем сѐ знае и го води клубот од неуспех во неуспех. Тоа со години го промовира во најомразената фигура меѓу спортските фанатици во Њујорк.

А, сепак навивачите продолжуваа да го полнат Медисон сквер гарден. Дури и во апсолутната катастрофа од сезона, 2014-15, кога победија во само 17 натпревари,  „Медисон сквер гарден“ имаше просек од речиси 20.000 гледачи по натпревар. Листата на чекање за сезонски билети, дури и во најлошите години, достигнуваше илјадници. Без оглед на резултатите, Никси секогаш беа и останаа еден од највредните клубови во НБА. Постојано меѓу првите три по приходи во лигата. Причина секако е фанатизмот на њујорчани во поддршката на најомилениот спортски тим. Тие никогаш не го напуштија клубот. Страдаа со него, беа гневни, но никогаш не си заминаа.

За њујорчани, Њу Јорк Никербокерс не се само кошаркарски тим. Тоа е суштината во односот меѓу клубот, градот и навивачите. Тие се заеднички идентитет, заеднички јазик, постојана и неисцрпна тема за муабет меѓу познаници и непознати. Во град од 8,5 милиони луѓе, поделени според секоја замислива и незамислива демографска и идеолошка линија, Никси се едно од ретките нешта што навистина им припаѓаат на сите. Менаџер на хеџ фонд од Трибека и таксист од Јужен Бронкс ги гледаат истите натпревари, ја чувствуваат истата фрустрација и, како пред неколку дена, ја доживуваат истата радост.

Огромен дел од магијата на овој клуб лежи во славата на нивната арена. Ниту една дискусија за Њујорк Никс не е комплетна без осврт на салата што ја нарекуваат свој дом. Медисон сквер гарден не е само арена. Таа за њујорчани е „најпознатата арена во светот“, тврдење кое, и покрај целата самобендисаност, има повеќе вистина отколку што некој би помислил.

Сегашниот Медисон сквер гарден, кој беше отворен на 11 февруари 1968 година, е всушност четврта арена што го носи ова име. Првата, беше изградена пред безмалку век и пол, во 1879 година на аголот на 26-та улица и Медисон авенија. Втората, беше отворена во 1890 година и имаше своја кула од 32 ката. Третата, изградена во 1925 година на 8-та авенија, помеѓу 49-та и 50-та улица, почна да ја „ѕида“ славата на името “МСГ“. Таа арена беше домаќин на многу историски моменти, од „борбата на векот“ помеѓу Мухамед Али и Џо Фрејзер во ’71-ва, до познатата изведба „Happy birthday to you Mr. President”на Мерилин Монро за претседателот Џон Ф. Кенеди во ’62-ра година. Но, токму четвртата МСГ арена што се наоѓа над „Пенсилванија“ транзитниот чвор, во срцето на „Midtown” Менхетен, го доби прекарот „Мека на кошарката“. Со основањето на НБА во 1946 година, Њујорк Никс, еден од оригиналните први 11 клубови на лигата, веднаш се вселија во МСГ. Тоа што ја прави оваа арена посебна не се неговите луксузни ложи, ниту неговиот ултрасовремен семафор, ниту реновирањето од 2013-та година што чинеше неверојатни 1 милијарда долари. Тоа е кошаркарската историјата што создава магија при самиот влез во арената. Тоа е натпреварот од финалето на НБА во 1970 година, кога капитенот Вилис Рид со повреда и куцање влезе на теренот во седмиот натпревар од финалето против Лејкерси и ги инспирираше соиграчите да дојдат до првата шампионска титула. Тоа е легендарното забивање на Џон Старкс во вториот меч од финалето на истокот ‘93-та против Чикаго Булс, тоа се 55-те поени на Мајкл Џордан во својот 5-ти натпревар по враќањето на теренот во ’95-та, тоа се 8-те поени на Реџи Милер за 8,9 секунди игра во првиот меч од полуфиналето на истокот истата година… За противничките кошаркари, играњето во МСГ е посебен предзивик, за навивачите на Никси, таа е втор дом, за градот МСГ е симбол на сè што го прави специјален. Кај сите што го посетиле, неизбежно е чувството дека сè што вреди во светот на спортот и забавата, својата потврда мора да ја добие под светлата на најпознатата арена во светот, во центарот и главниот град на светот.

Вашиот колумнист не крие дека Њу Јорк, градот кој го посетил точно 10 пати во својата кариера како коментатор, му е посебно омилен меѓу сите во САД, исто како и МСГ арената. Во 1998-ма со коментар од лице место беше сведок на 48-от Олстар Викенд и на 3-от трофеј МВП на Мајкл Џордан во кариерата, на настапот на 19-годишниот Коби Брајант како најмлад дебитант во историјата на Олстар натпреварите и на победата на Џеф Хорначек во натпреварот во шутирање тројки. Веќе следната година заедно со армијата НБА вљубеници во Македонија, го проследивме фантастичниот пат на Њујорк Никс до НБА финалето иако стартуваше како последен, 8-мо пласиран тим во источната конференција на плејофот. Никси, предводени од веќе подостарениот Патрик Јуинг и тимот кој беше освежен во меѓусезоната со доведувањето на Латрел Спревел, како и со Маркус Кемби и Курт Томас, скратената локаут сезона од 50 натпревари ја завршија со 27 победи. Доволно за 8-мо последно место за пласман во плејофот на истокот. Но, тоа што следеше беше чиста магија, која сè уште делува нереално повеќе од четврт век подоцна. Во првото коло се соочија со првопласираниот Мајами Хит, нивниот лут ривал, и победија по тешка борба, скоро тепачка, со еден од најзначајните шутеви во историјата на клубот на Алан Хјустон на 0,8 секунди до крајот во петтиот натпревар. Во второто коло, ја минаа Атланта Хокс, со одлични игри на Кемби и Спревел. Во финалето на Источната конференција, против тимот што ги исфрли од плејофот една година претходно, Индијана Пејсерс играа шест исцрпувачки натпревари, преку кои минаа во финалето, но останаа без Патрик Јуинг кој ја скина Ахилова тетива уште во вториот натпревар. Без него, против Сан Антонио Спарс и нивните „кули близначки“, Тим Данкан и Дејвид Робинсон, можеа да дојдат само до една победа во МСГ и така да ја завршат својата „лебедова песна“ 1999-та. Тој тим, по многу нешта, беше последниот голем состав на Никси во модерната ера. Тие имаа срце, одбрана и екипа составена од специјални, уникатни карактери: Латрел Спривел, кого добија во размена од Голден Стејт и од кого сите бегаа по инцидентот со давење на тренерот П.Џ. Карлесимо, во МСГ го донесе својот неверојатен интензитет, Алан Хјустон со еден од најелегантните шутеви во историјата, „боксерот“ Лари Џонсон, специјалистот за „банани“ Маркус Кемби, плејмејкерот на Чарли Ворд, „работникот“ Курт Томас, легендата Патрик Јуинг…

Њу Јорк Никербокерс од оваа 2026-та година не се супертим составен преку доведување на суперѕвезди како слободни агенти. Тие се тим изграден преку трпение, преку паметни трејдови, преку визијата дека група играчи кои се поддржуваат и играат колективно можат да бидат подобри од збир на индивидуални таленти. Тие, со други зборови, се тим од типот на Њу Јорк Сити. Цврст, борбен, тим кој не се предава и кој изнудува почит, наместо да ја очекува. На 3 јуни во финална серија против Оклахома или против нивниот должник од ’99-та Сан Антонио, овој тим ќе се обиде да дојде до 3-тата НБА титула и да прекине една „суша“ од цели 53 години од нивниот последен трофеј освоен 1973-та. Бројките велат дека имаат реална шанса. Кошаркарите се вториот најплатен тим во лигата со 207,4 милиони долари годишно, веднаш зад Кливленд. Имаат најдобар сооднос на дадени примени поени во плејофот, имаат одличен тренер во Мајк Браун, ја имаат суперѕвездата Џејлен Брансон, го имаат и Карл-Ентони Таунс, кој беше најефикасен играч низ плејофот… Но, најважно, ги имаат навивачите, градот и бескрајната поддршка и верба дека овојпат, конечно, работите ќе бидат поинакви.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Александра Сабрас Апостолова

Јазот меѓу административната рамка и практичната примена во поддршката за лицата...

Ѓoрѓи Илиевски

Правни и етички аспекти од актуелните проблеми на Филозофскиот факултет

Катерина Климоска

Ранг листите како последица, не како цел

Братислав Димитров

„Имаш пуно душмана и много ти љубомору“

Слободан Иванов

На која нација ѝ припаѓале Св. Кирил и Методиј и кој...

Јове Кекеновски

„Пипци“ што сѐ уште го дават правосудството

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ