петок, 29 мај 2026

Во македонскиот КИЦ во Софија денеска се отвора меѓународната фотоизложба „Последните селани“

Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Софија, Бугарија денеска со почеток во 18:30 часот ќе биде отворена меѓународната фотоизложба „Последните селани“, во организација на уметничката колонија „Арт поинт – Гумно“.

Објавено на

часот

Сподели

На изложбата ќе бидат претставени дела од повеќе реномирани автори од различни земји, меѓу кои Ероу Рос (САД), Јана Хунтрова (Чешка), Алена Новакова (Чешка),  Марек Пекни (Чешка),  Ева Моричка (Чешка), Јана Мари Кнотова (Чешка), Павла Бичикова (Чешка), Надја Милерова (Чешка), Петр Буреш (Чешка), Рудолф Кучап (Чешка), Мартин Новотни (Чешка), Естер Шабик (Словачка), Харис Савидес (Грција) и Елизабет Рос (Мексико).

Поставката содржи селектирани фотографии од богатата колекција на „Арт поинт – Гумно“, инспирирани од животот и секојдневието на жителите од регионот на горен Демир Хисар – простор кој бил трајна инспирација и за македонскиот писател Петре М. Андреевски.

Посебно место на изложбата имаат фотографиите на американскиот фотограф Ероу Рос, кој уште во 2005 година, за време на престојот во селото Слоештица, го документирал животот во македонско село и создал серија портрети на локалните жители. Делата од тој циклус веќе биле претставени и во САД.

Во рамки на поставката ќе бидат изложени и фотографии од чешки автори, резултат на долгогодишната соработка на „Арт поинт – Гумно“ со Либеречката школа за фотографија и графика, како и дела од други меѓународни учесници кои низ уметнички престои го истражувале македонското село.

Фотоизложбата „Последните селани“ отвора прашања за исчезнувањето на традиционалниот начин на живот и ја претставува богатата културна и природна оставнина на руралните средини.

„Арт поинт – Гумно“, кој делува од 2003 година во селото Слоештица, Демир Хисар, е меѓународен центар за уметност и одржлив развој, познат по уметничките резиденции и колонии во кои досега учествувале десетици странски и домашни уметници.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ