петок, 17 април 2026

Вучиќ бара единици со јуришни дронови

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави формирање единици на Војската на Србија (ВС) опремени со јуришни дронови.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Србија веќе набавила модерно оружје и воена опрема од Европа, Израел и Кина и сака да ја прилагоди својата воена стратегија на барањата на модерното војување, наведува Ројтерс.

По состанокот со највисоките претставници на Министерството за одбрана и Војската на Србија, Вучиќ најави дека во наредните денови Србија ќе потпише „многу важни договори за понатамошна набавка на оружје и воена опрема“.

„Нè очекуваат големи и важни посети каде што очекуваме дополнителни договори со други земји. Направивме големи нарачки за нашата армија. Ќе имаме такви можности што ништо нема да може да ни се протне, ќе гледаме сè, од стратегиска авијација во регионот до такви што полнат гориво на туѓи авиони на големи растојанија од Србија“, кажа Вучиќ по состанокот во Белград, на кој присуствуваше раководството на Република Српска.

Тој додаде дека Србија ќе изгради „извонредно силна, повеќеслојна противвоздушна одбрана“ која, според неговите зборови, ќе се состои од електронски блокирачи, електронски уреди за напад, опрема, оружје и алатки што служат за заштита на трупите, градовите и инфраструктурните објекти, пренесе агенцијата Бета.

„Денес, како врховен командант, предложив развој и усвојување на стратегија за роботизација, формирање единица на ниво на баталјон опремена со роботизирани платформи, извршување на организациски подготовки за формирање дивизии и баталјони од јуришни дронови со долг дострел и талкачка муниција, обука на специјални и извидувачки единици за одредување на координатите на целите за употреба на артилерија и авијација“, кажа Вучиќ.

Србија има армија од 22.500 припадници, а во 2026 година издвои 3,3 проценти од БДП за одбраната, пишува Ројтерс.

Изјавите на Вучиќ следат по објавувањето на формирањето на заеднички српско-израелски објект за производство на дронови.

Ројтерс потсетува дека на почетокот на 2025 година Србија купи од Израел артилериски системи ПУЛС и беспилотни летала „хермес“ кои ги произведува Елбит системс, во вредност од 335 милиони долари, а во август 2025 година купи и ракети со долг дострел, беспилотни летала и опрема за електронско војување за околу 1,6 милијарди долари.

Србија купи и транспортни авиони и хеликоптери од Ербас, како и кинески ракети и беспилотни летала. Белград купи и борбени авиони „рафал“, произведени од францускиот Десо, за 2,7 милијарди евра, за да ги замени застарените авиони МиГ-29 од советско производство.

Вучиќ изјави дека безбедносната ситуација е „нешто посложена“ отколку во јануари, првенствено поради, како што изјави, акциите и понатамошните активности на воениот сојуз на Загреб, Тирана и Приштина.

Тој додаде дека екипирањето на српските вооружени сили со жива сила и оружје е „значително подобро“ отколку на почетокот на годината, кога ја анализираше безбедносната ситуација со военото раководство. Вучиќ кажа дека количеството оружје и воена опрема се зголемува, како и „силата, капацитетите и дострелот“ на српските оружени сили.

„Покрај зголеменото производство на беспилотни летала во Србија, а оваа година очекувам експлозија на тоа производство, ќе се посветиме и на роботизацијата и дигитализацијата на нашата армија. Ќе бидеме една од армиите со најизразена интероперабилност, не само во регионот, туку и пошироко“, најави Вучиќ.

Бета објави дека Вучиќ бил пречекан во касарната „Бањица 2“ од почесна гарда на српските оружени сили. На состанокот присуствувале министерот за одбрана Братислав Гашиќ, началникот на Генералштабот на вооружените сили генерал Милан Мојсиловиќ, како и членови на колегиумот на министерот за одбрана и началникот на Генералштабот.

Присутно беше и раководството на РС – српската членка на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, претседателот на Република Српска Синиша Каран, претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ, премиерот Саво Миниќ и претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи Милорад Додик.

Додик, како што објави Бета, изрази загриженост за воениот сојуз на Хрватска, Албанија и Косово.

„Ние од Република Српска сме многу загрижени поради фактот што Хрватска, Албанија и таканаречено Косово направија одреден сојуз. Ние сметаме дека тоа е сојуз против српскиот народ како целина и дека РС е во суштина загрозена од таков сојуз“, кажа Додик во Белград. Тој додаде дека сојузот на Загреб, Тирана и Приштина „мора да биде под лупа“ во Република Српска и во Србија.

Тој оцени дека сојузот ја нарушува безбедноста на целиот Западен Балкан.

„Еден таков сојуз не се формира без силна цел. Единствената цел е, се разбира, загрозување на стабилноста на српскиот народ и неговите држави“, кажа Додик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ