четврток, 16 април 2026
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Незаборавни НБА Плејоф приказни

Секој од речиси 170 денови низ регуларниот дел на НБА сезоната нуди нова атракција. Забивања, кош во последните секунди, рампи, креативни додавања... секој од тие потези воодушевува и се коментира сѐ до следниот ден кога фановите се посветуваат на новите „хајлајт“ моменти од следните натпревари. Но, вистинските приказни кои стануваат НБА урбани легенди и во кои реалноста ја надминува фикцијата, по правило се врзани за натпреварите од плејофот.

Во текот на 75-годишната историја, НБА лигата еволуираше од локален куриозитет во глобален феномен, но аурата на плејофот никогаш не се сменила. НБА плејофот е време кога тимовите со шампионски карактер се двојат од другите. Кога ѕвездите кои не можат да го поднесат притисокот се „топат“, а оние кои можат одат кон статус на легенди чии дресови висат над теренот како потсетник на нивната големина. Статистиката нѝ кажува кој победил, но таа ретко го доловува мирисот на соблекувалната, психолошката војна и апсурдноста на неверојатните случувањата на теренот. Во пресрет на годинашниот исклучително интересен плејоф, ќе се потсетиме на неколку од тие урбани легенди чија сторија е предизвик и мотивација за актуелните ѕвезди и тимовите со шампионски амбиции.

Бил Расел во Лос Анѓелес Форум – 1969

Во НБА финалето 1969-та година се судрија тимовите што ја обележаа таа ера и прераснаа во можеби најголемото соперништво во историјата на НБА, Бостон Селтикс и Лос Анџелес Лејкерс. Лејкерси беа големи фаворити, ја имаа предноста на домашниот терен, но и Вилт Чемберлен во жолтиот дрес. Сопственикот на Лејкерси, Џек Кент Кук, беше толку уверен во победа во тој седми натпревар во неговиот ЛА Форум што нарача и постави илјадници балони на кровот од арената за спектакуларна прослава по завршувањето на натпреварот. На секое седиште беше ставен флаер со детален распоред и тајминг за шампионската парада следниот ден.

Еден од тие флаери беше поставен и на клупата на Бил Расел, кој во таа негова последна НБА сезона, беше играч и тренер на Селтикси. Со флаерот во раце, Расел полека му пристапи на Џери Вест за време на загревањето и му ја кажа легендарната реченица: „Овие балони горе, ќе останат таму уште долго време“. Расел, кој во тоа време имаше речиси  35 години, ги одигра сите 48 минути. Селтикс трчаа и шутираа како обземени, со френетична енергија, држејќи го водството од почетокот до крајот на натпреварот. Во финишот Вилт Чемберлен го измести коленото и беше изваден од игра. Иако тврдеше дека е ОК, тренерот Буч Ван Бреда Колф не го врати во игра. Бил Расел, Џон Хавличек, Сем Џонс и соиграчите намирисаа крв и тоа им додаде дополнителен мотив. Ја задржаа предноста, го доведоа натпреварот до крај и до победа од 108-106. Балоните останаа закачени на кровот, а потоа донирани во локалната детска болница. Флаерите беа фрлени во канта. Бил Расел се пензионира со својата 11-та титула во 13 НБА сезони. Буч Ван Бред Колф беше отпуштен, а Вилт Чембрлен никогаш не му прости што не го врати во игра, макар и со повредено колено…

Трилер во три продолженија 1976

Петтиот натпревар од финалето во 1976 година помеѓу Бостон Селтикс и Феникс Санс многумина го нарекуваат најдобриот натпревар во историјата на плејофот. Цели 3 часа и 8 минути на теренот се водеше беспоштедна борба за секоја топка и за секој поен. На неколку секунди до крајот на второто продолжение, Феникс постигнаа кош што им донесе поен предност. Џон Хавличек од Селтикси одговори со положување со звукот на сирената. Бостон почна да слави. Публиката, разочарана веднаш почна да ја напушта арената. Но, судиите во сиот тој хаос, пресудија дека има уште една секунда до крајот. Дел од публиката што веќе го напушташе теренот се врати да ја види, а оние што се подготвуваа да излезат стоејќи чекаа да ја проследат и таа последна секунда во поразот на нивниот тим. Тренерот на Санси, Џон МекЛеод ги потроши сите тајм аути. Единствена можност Феникс да стори нешто беше да ја исфрли топката далеку на противничката половина и да се моли за чудо. Но, Пол Вестфал, стартниот плејмејкер на Феникс, не мислеше така. Му пристапи на својот тренер со генијална идеја. Му рече да побара тајм-аут  – што Феникс Санс го немаа. Според правилата, таква тренерска грешка се казнуваше со едно слободно фрлање, но потоа казнетиот тим можеше да ја внесе топката во игра од противничката половина. Со тоа шансите да се одигра акција и да се упати шут беа драстично поголеми. И токму тоа и се случи. Водечкиот стрелец на Бостон, Џо Џо Вајт ладнокрвно пристапи на слинијата за слободни и го зголеми водството на два разлика. Но потоа топката им припадна на Санси. На една секунда до крајот, Кертис Пери ја уфрли топката до Гар Херд кој погоди шут, што сега во чест на Јокиќ се нарекува „Сомбор шафл“, за ново израмнување на резултатот и трето продолжение. Чудото се случи, публиката од паркингот почна повторно да се враќа во арената, а таму чиста хистерија. Сите беа во делириум од пресвртот што никој не можеше да го замисли. Натпреварот отиде во трето продолжение во кое Бостон, предводен од Џо Џо Вајт и неговите 33 поени, сепак дојде до победа од 128-126. И иако на крајот нивниот тим загуби, навивачите на Феникс беа воодушевени од желбата, борбата и генијалната идеја на Пол Вестфал. Сѐ до ден-денес намерната техничка грешка на Вестфал се смета за еден од најпаметните и најимагинитивните кошаркарски потези во НБА. 15 години подоцна, истиот Пол Вестфал стана прв тренер на Феникс и во својата прва НБА сезона како главен тренер, заедно со  Чарлс Баркли како МВП на сезоната, го одведе тимот до Финалето против Чикаго во кое беа поразени во 6 натпревари.

НБА рекорд на „Слипи“ Флојд – 1987

Во 1987 година, Голден Стејт Вориорс предводени од извонредното трио составено од Џо Бари Керол, Ерик „Слипи“ Флојд и Крис Малин беа борбен тим кој можеше да се „носи“ секој друг тим во НБА. Таа година во полуфиналето на западната конференција воините се соочија со Лејкерси и нивниот „Шоутајм“ стил на кошарка. Лејкерси веќе водеа со 3-0 во серијата и во четвртиот натпревар имаа 15 поени предност низ текот на второто полувреме. По сѐ изгледаше дека „метлата“ и чистите 4:0 се неизбежни. Но,  тогаш Ерик „Слипи“ Флојд, чиј прекар беше резултат на длабоките подочњаци и полузатворени очи, се разбуди од својата „дремка“. Во последната четвртина, Флојд ја одигра статистички најдобрата индивидуална претстава во историјата на плејофот. Едноставно не можеше да промаши. Се редеа неговите чувари, Меџик Џонсон, Бајрон Скот, Мајкл Купер, Еј Си Грин… џабе. Слипи Флојд погодуваше без престан, скоро сѐ што фрли кон обрачот. Не промаши ниту еден од првите 12 шутеви во таа четвртина и постигна 29 поени. Единственото промашување беше последниот шут, без никакво значење, со оглед на тоа дека победата на неговиот тим од 129 – 121 беше осигурана.

На овој натпревар Флојд постигна вкупно 51 кош и постави три плејоф рекорди кои сѐ уште се актуелни: најмногу поени во една четвртина  – 29, најмногу поени во полувреме – 39 и најмногу последовни погодени шутеви од поле – 12. Иако Лејкерс на крајот од оваа серија победија, настапот на Флојд е класична дефиниција за игра како во транс и состојба за која по нашки се вели „му тргна“ или „му оди“. Во тој натпревар и таа ноќ Ерик Слипи Флојд им одржа лекција на легенди како Меџик, Скот, Купер и Грин и покажа како еден одличен играч, фокусиран и мотивиран може во 12 минути да одигра како кошаркарски Бог.

Мајкл Џордан и Јута Џез – 1997

Во 2 часот наутро на 11 јуни 1997 година, Мајкл Џордан го повикал својот личен тренер во неговата хотелска соба во Солт Лејк Сити. Со температура, испотен и крајно дехидриран, со главоболка и силна кашлица, тренерот го нашол како лежи свиткан на креветот во фетусна положба со сите симптоми на грип. Наскоро кај него биле и тимските лекари кои децидно ја одбивале помислата за негов настап следниот ден. Џордан реагирал воздржано. Како и секогаш последната одлука била негова, а решил да ја донесе пред самиот натпревар.

НБА финалето беше судир на двата убедливо најдобри тима од таа сезона.  Заедно, Чикаго и Јута победија на 133 натпревари во регуларната сезона, Булси во 69, а Јута во 64. Тоа беше и сеуште е втор највисок збир на победи на два учесника во НБА финале. Рекордот од 136 победи повторно го вклучува Чикаго, една сезона порано, кога триумфираа во рекордни 72 меча од регуларниот дел од сезоната, а се сретнаа со Сител Суперсоникс кои остварија 64 победи.

Во претходните 4 натпревари од финалето ‘77-ма, двата тима остварија по две победи. Петиот натпревар, во ситуација на израмнет резултат, секогаш се опишува како круцијален за конечниот исход и Џордан реши да игра по секоја цена. Вашиот колумнист, тогаш како ТВ коментатор, беше сведок на тоа финале и на таа историска средба. И покрај тоа што беше дехидриран, исцрпен и едвај можеше да стои, Џордан се појави на теренот во Делта Центар, арената позната како „Децибел Центар“ поради заглушувачката атмосфера што ја создаваа навивачите на домашниот тим. Џордан изгледаше видливо слаб на почетокот, погоди само два од пет шута, а Булси ја затворија првата четвртина со минус од 13 поени 29:16. Во втората четвртина Џордан даде сѐ од себе да го одржи својот тим во игра постигнувајќи дури 17 поени, но Јута на полувреме сепак задржа 5 коша разлика, 53:49. Во третата четвртина изгледаше дека Џордан веќе нема што да даде. Целосно исцрпен постигна само два поена, но овојпат Пипен во нападот и Родман во одбраната успеаа некако да одржат едноцифрена разлика од минус 9 во пресрет на последниот дел. Во тие последни 12 минути Џордан покажа зошто е најдобриот на сите времиња. Вадејќи го последниот атом енергија од себе, на тимот му донесе повеќе од половината поени во таа четвртина. Погоди 4 шута од поле и 7 слободни фрлања, за 15 од вкупно 27-те коша на Чикаго. Уште позначајно, по сопственото промашување од слободно фрлање, дојде до офанзивен скок кој водеше и до негова тројка на 25 секунди до крајот. Тројка со која Чикаго се одлепи на 88:85 и на крајот стигна до триумф со 90:88. Натпреварот го заврши со 38 поени, 7 скока, 5 асистенции и 3 украдени топки за 44 минути. Кога се огласи последната сирена, Џордан се струполи во рацете на Скоти Пипен, кој мораше да го носи до клупата, создавајќи една од најславните слики во историјата на НБА. 26 години подоцна, во 2023-та, неговите патики од таа средба беа продадена на аукција за 1,38 милиони долари.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Катерина Климоска

Универзитетот и демократијата, новиот предлог ЗВО, меѓу автономија и контрола

Зоран Ќосески

Грчко-австралиски бројки: Перцепција наспроти реалност

Ристо Цицонков

Енергетиката како шанса за странски инвестиции (2)

Билјана Ванковска

Унгарија: Избори без избор

Јове Кекеновски

Ретроградната Бугарија и заглушувачката тишина на Европа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ