Напротив, тоа станува суштински политичко и вредносно прашање, кое директно го засега квалитетот на демократијата и иднината на државата.
Новиот предлог Закон за високо образование, наместо да понуди јасна визија за реформа, остава впечаток на уште една нормативна интервенција без суштинска анализа и без вистински одговор на клучното прашање: дали проблемот во високото образование произлегувал од законската рамка или од нејзината хронична неимплементација?
Искуството од изминатите години покажува дека најголем дел од реформските обиди пропаѓаа не толку поради лоши законски решенија, туку поради нивно селективно, формално или „сиво“ спроведување. Во такви услови, носењето нов закон без соочување со оваа институционална реалност ризикува да ги репродуцира истите слабости, само во нова форма.
Дополнително, начинот на кој се артикулираат одредени решенија отвора сериозни концептуални дилеми. На пример, идејата за затворање на студиски програми врз основа на мал број студенти ја воведува пазарната логика како доминантен критериум за вреднување на високото образование. Но, јавниот универзитет не е пазарна институција. Неговата вредност не може да се мери исклучиво преку побарувачката, туку преку неговиот придонес кон знаењето, критичката мисла и јавниот интерес.
Во спротивно, ризикуваме редукција на високото образование на услуга, а не негова афирмација како јавно добро.
Особено загрижувачки е и пристапот кон управувањето. Иако формално се задржува автономијата, предложените решенија ја концентрираат моќта и ја слабеат улогата на колегијалните тела. Со тоа се намалува (и така малиот и скоро непостоечки) просторот за академска дебата и критичко мислење, што претставува директен удар врз суштината на универзитетот како заедница на знаење.
Политичкиот интервенционизам, кој се провлекува низ предложените решенија, дополнително го усложнува овој проблем. Наместо да се зајакне институционалната автономија, се создаваат услови за консолидирање на центри на моќ внатре во универзитетите, често во блиска релација со извршната власт или со тесни интересни кругови. Ваквата динамика не води кон подобрување на системот, туку кон негово понатамошно затворање и репродукција на постојните слабости.
Во услови кога академската средина ионака е кревка и веќе подолг период се соочува со недостаток на суштинска интелектуална продукција, критичка мисла и јасно артикулирани стандарди за квалитет, секое дополнително концентрирање на моќта има кумулативен негативен ефект. Наместо отворање на простор за дебата, конкуренција на идеи и академска извонредност, се зајакнуваат механизми на прилагодување, молк и одржување на статус-кво.
Така, универзитетот постепено се оддалечува од својата суштинска функција – да биде простор на слободна мисла, критика и вредносна ориентација, и се трансформира во институција во која формалните правила постојат, но нивната содржина е празна. Во таков систем, почитувањето на законските, етичките и академските норми не претставува реален стандард, туку селективна практика, што дополнително ја еродира довербата и го намалува капацитетот на универзитетот да продуцира вистинска општествена вредност.
Во европски контекст, автономијата не е административна привилегија, туку темелна вредност, поврзана со идејата за универзитетот како коректив на власта. Оттука, изјави дека „автономијата не е чепната, но универзитетите треба да бидат отчетни кон Владата“ не се само несреќно формулирани, туку откриваат подлабоко неразбирање на природата на овој однос.
Универзитетите секако треба да бидат отчетни, но кон јавноста, преку транспарентност, квалитет и институционални механизми на надзор. Тие не се органи во хиерархијата на извршната власт. Кога отчетноста се артикулира како вертикален однос кон Владата, тогаш автономијата се оддалечува од својата суштина и се трансформира во форма без содржина.
Оваа тенденција не е изолирана. Компаративните искуства, како случајот со реформите во Грузија, покажуваат дека аргументите за „рационализација“ и „ефикасност“ често се користат како легитимација за зголемена политичка контрола врз академските институции. Прашањето во такви контексти не е финансиско или организациско, туку суштински политичко: кој го дефинира универзитетот?
Во македонски услови, ова прашање добива дополнителна тежина поради долгогодишната институционална ерозија. Негативната селекција, клиентелизмот и нефункционалните контролни механизми создадоа средина во која молчењето станува стратегија за преживување, а критиката ризик. Во таков контекст, ниту еден закон сам по себе не може да произведе вистинска реформа.
Затоа, клучната дилема не е дали ни треба нов закон, туку дали сме подготвени за институционална и вредносна трансформација. Без воспоставување на вистинско владеење на правото, без транспарентност, без функционален надзор и без реафирмација на академските и етичките стандарди, секоја нормативна промена ќе остане површна.
Универзитетот не е само образовна установа. Тој е простор на слободна мисла, коректив на власта и носител на општествена кохезија. Кога еродира оваа функција, еродира и самата демократија.
Оттука, прашањето за Законот за високо образование не е само правно прашање. Тоа е прашање за идентитетот на општеството. Дали сакаме универзитети како автономни, критички и демократски институции или како административно управувани структури под зголемена политичка зависност?
Одговорот на ова прашање нема да ја одреди само иднината на високото образование, туку и капацитетот на општеството да остане демократско.
Затоа, наместо избрзано донесување на нови закони, потребен е вистински јавен дијалог за тоа каков универзитет ни е потребен. Бидејќи без силен и автономен универзитет, нема ниту силна држава. А без прекин на политичко-институционалните практики што ја концентрираат моќта и ја релативизираат академската слобода, ниту една законска реформа нема да може да ја врати суштинската улога на универзитетот во демократското општество.
Катерина Климоска
(Авторката е истражувач во областа на меѓународните односи, европските студии и геополитиката и ЕУ експерт за високо образование и научноистражувачка дејност.)











