среда, 15 април 2026

Израел и Либан ги одржаа првите директни разговори од 1993 година

Либан и Израел ги одржаа првите директни дипломатски разговори по повеќе од три децении, на ретка средба насочена кон прекинување на борбите меѓу Израел и Хезболах, група поддржана од Иран.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот Стејт департмент објави дека Израел и Либан се согласиле да почнат директни преговори во меѓусебно договорено време и место, по денешниот состанок во Вашингтон.

Стејт департментот „изрази надеж“ дека разговорите меѓу Израел и Либан „ќе доведат до мировен договор“.

Израел и Либан вчера ги завршија првите директни дипломатски разговори во Вашингтон, чиј домаќин беше американскиот државен секретар Марко Рубио.

„Станува збор за трајно прекинување на 20 или 30 години влијание на Хезболах во овој дел од светот и не само на штетата што му ја нанесе на Израел, туку и на штетата што му ја нанесе на либанскиот народ“, кажа Рубио.

Според соопштението од американскиот Стејт департмент, Израел ја потврдил својата посветеност на соработка со Либан во врска со „разоружувањето“ на паравоените „терористички“ групи и нивната инфраструктура, објави Ројтерс.

Либан наводно повикал на прекин на огнот и мерки за решавање на хуманитарната криза. Израел „изразил посветеност“ на директни преговори за „решавање на отворените прашања“.

Двете земји немаат дипломатски односи, а последните директни разговори на високо ниво меѓу нив се одржаа во 1993 година.

Од почетокот на март, покрај повеќе од 2.000 убиени Либанци, околу еден милион луѓе се раселени од страна на Израел од почетокот на воената агресија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ