вторник, 14 април 2026

Новиот шеф на словенечкиот парламент: Ќе одржиме референдум за напуштање на НАТО

Новоизбраниот претседател на словенечкиот парламент и лидер на крајно десничарската партија Ресница, Зоран Стевановиќ, денес изјави дека има намера да одржи референдум за излегување на земјата од НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Морам да кажам дека му ветивме на народот референдум за прашањето за излегување од НАТО и тој референдум ќе го одржиме“, изјави Стевановиќ за јавната радиотелевизија РТВСЛО.

Стевановиќ нагласи дека неговиот став не е усогласен со ниедна странска сила. „Немам проруски ставови, само прословенски“, кажа тој. „Веруваме дека Словенија мора да ја води својата политика независно, суверено“.

Тој кажа дека Словенија мора да соработува со сите земји, особено со големите сили, но дека оваа соработка „никогаш не смее да значи потчинување“. „Добри односи со сите, но во интерес на Словенија“, додаде тој.

Тој најави и дистанцирање од мешањето во меѓународните конфликти. „Апсолутно ќе се спротивставиме на мешањето во странски воени и дипломатски спорови бидејќи Словенија никогаш нема корист од тоа“, кажа тој.

Иако го отвори прашањето за напуштање на НАТО, Стевановиќ призна дека јавна поддршка за напуштање на Европската Унија е малку веројатна, истакнувајќи дека Словенија сè уште има значителна корист од членството во Унијата.

Тој потврди и дека неговата партија планира да исполни други предизборни ветувања, вклучувајќи и залагање за излегување на Словенија од Светската здравствена организација (СЗО).

Зборувајќи за своите дипломатски планови Стевановиќ кажа дека има намера да отпатува во Москва. „Би сакал да градам мостови и добро да соработувам со сите земји, без оглед на ѕидот што се гради меѓу Западот и Истокот“, кажа тој.

Стевановиќ беше избран за претседател на словенечкиот парламент со тајно гласање во петокот, на кое 48 пратеници го поддржаа, а 29 беа против. Според медиумските извештаи, Стевановиќ е поддржан од поранешната опозиција од редовите на Словенечката демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша и Нова Словенија.

Против неговиот избор беа претставници на претходната владејачка коалиција од Движењето за слобода, социјалдемократите и претставници на левицата, кои наведуваат дека ова е претходница за формирање на четвртата влада на Јанша.

Стевановиќ е поранешен полицаец и претприемач, а претходно изјави дека нема намера да коалицира со Јанез Јанша и ги коментираше обвинувањата дека неговата партија е поддржана од луѓе од криминалната средина. Имено, на социјалните мрежи кружат гласини за инциденти за време на неговата единаесетгодишна служба во полицијата. Тврдат дека бил отпуштен поради осигурителна измама, пукање и злоупотреба на алкохол. Тој ги негира сите обвинувања.

За 24ур тој изјави дека прима партиска плата, живее од политичка работа и нема скриени извори на финансирање. Во врска со можната соработка со Јанша, тој кажа дека не планира коалиција со него, наведувајќи ги политичките разлики и сопствената стратегија, која, вели тој, се базира на останување надвор од актуелните блокови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ