вторник, 14 април 2026

Полски пратеник во парламентот покажа знаме на Израел со свастика (ВИДЕО)

Пратеникот од крајната десница Конрад Беркович предизвика инцидент во полскиот парламент кога, за време на својот говор, покажа израелско знаме на кое Давидовата ѕвезда заменета со нацистичка свастика. Беркович го обвини Израел дека е „новиот Трет рајх“ и дека врши геноцид во Газа, пренесуваат полски медиуми.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Беркович е член на партијата Конфедерација, крајно десничарска опозициска група која има 16 од 460 претставници во Долниот дом на парламентот. Зборувајќи од парламентарната говорница, тој тврдеше дека „бројот на деца кои загинале во Газа е десет пати поголем отколку за време на целата војна во Украина“. Тој кажа дека „Евреите користат фосфорна муниција“ против цивилите, предизвикувајќи им огромно страдање.

„Израел врши геноцид пред нашите очи со особена суровост. Израел е новиот Трет рајх и неговото знаме треба да изгледа токму вака“, кажа Беркович, по што разви модифицирано израелско знаме со свастика.

Клипови од говорот на Беркович беа споделени на социјалните мрежи од официјалните профили на Конфедерација, како и од Славомир Менцен, еден од лидерите на партијата, кој напиша на англиски јазик: „Израел е новиот Трет рајх!“

Претседателот на Долниот дом на парламентот Влоџимјеж Чарзасти го осуди чинот на Беркович. „Нема оправдување за истакнување на свастиката во полскиот Сејм“, кажа Чарзасти, кој исто така наведе дека од салата се слушнале извици на протест од други пратеници.

Веднаш по Беркович зборувал Славомир Цвик, претставник од владејачката коалиција, и го повика Чарзастог да го проследи транскриптот од говорот до обвинителството за да може да се покрене кривична постапка.

Според полскиот закон, прикажувањето нацистички симболи со цел „промовирање на нацистичкиот државен поредок или поттикнување омраза врз основа на национални, етнички, расни или религиозни разлики“ е казниво со затвор до три години. Дури и без истакнување на симболи, поттикнувањето омраза врз основа на такви разлики е кривично дело според истиот закон.

За време на нацистичко-германската окупација во Втората светска војна, околу 17 отсто од населението на Полска беше убиено, што е поголем процент отколку во која било друга земја. Околу половина од тие шест милиони жртви биле полски Евреи.

Постапката на Беркович беше осудена и од американскиот амбасадор во Полска Томас Роуз, кој претходно седум години беше издавач и извршен директор на израелскиот весник Џерусалим пост и е истакнат поддржувач на Израел.

„Срамота, срамота, срамота! Можеби сте забележале дека ние Евреите веќе не сме толку лесни за малтретирање, нели? Се браниме со сета сила и без извинување – стоиме покрај нашите пријатели и знаеме како да се бориме и да ги победиме нашите непријатели!“, порача Роуз.

Израелската амбасада во Полска, исто така, го осуди инцидентот.

Ова не е прв ваков инцидент во полскиот парламент. Во 2023 година, претставникот на крајната десница Гжегож Браун, тогашен член на Конфедерација, од која оттогаш се оддели, употреби противпожарен апарат за да ги изгасне свеќите на свеќник поставен по повод еврејскиот празник Ханука во парламентот.

Неговиот чин беше осуден од сите други политички партии, а Браун во моментов е гонет за тој инцидент и за други кривични дела.

Минатата година Конфедерација достави до парламентот предлог за резолуција со која се осудуваат и „криминалните терористички напади на Хамас врз цивилното население на Израел“ и „криминалните и геноцидните дејствија извршени од израелските вооружени сили врз цивилите во Газа“. Сепак, резолуцијата не беше изгласана во парламентот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ