Со сопствен македонски павилјон, во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, нашата држава ќе се претстави со повеќе од 60 уметници, продуценти, фестивали, филмски автори, занаетчии и претставници на креативните индустрии.
Ова значајно присуство претставува важен чекор за меѓународна промоција на македонската култура, отворање нови можности за соработка и поголема видливост на домашната уметничка сцена на регионално и европско ниво. Учеството се реализира со силна поддршка од Министерството за култура и туризам на Македонија, со што дополнително се нагласува институционалната важност на настанот.
На свеченото отворање на 17 април ќе биде изведен 40-минутен сценско-визуелен перформанс на истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и Камерниот оркестар Профундис, во соработка со оркестарот на РТШ.

Овој уникатен проект ќе понуди современ аудиовизуелен концепт кој ги спојува класичната музика, електронските елементи и визуелната уметност, претставувајќи силен уметнички вовед во македонското присуство на фестивалот и со што македонските уметници ќе се претстават рамо до рамо со интернационални имиња од светската сцена.

Во рамките на саемскиот дел ќе се претстават истакнати македонски културни и креативни организации, меѓу кои: Авалон продукција, Пасворд продукција, Фестивалот на филмска камера Браќа Манаки, Вардар Филм, „Скопје Вајнил конвеншн“, како и повеќе компании и организации од културниот сектор. Учесниците ќе имаат свои инфо-дескови, но и можност за директни средби со меѓународни партнери.
Посебно внимание ќе привлече „Артизан вилиџ“ (“Artisan Village”), каде ќе се претстави македонското традиционално занаетчиство, вклучувајќи охридски бисери, филигран, рачно ткаени килими, везови и современи уметнички инсталации.
Поради значајното учество и придонес во промоцијата на културата, организаторите на „Мјуз-екс експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”) ќе доделат специјално признание на Македонскиот културен центар во Тирана и на Министерството за култура и туризам на Македонија. Наградата ќе биде врачена на свеченото отворање на 17 април, во присуство на Државниот секретар за култура Марија Ѓоргова.
„Учеството со национален павилјон и толку бројна делегација е силна потврда за креативниот потенцијал што го има Македонија. Нашата цел е преку програмата, експо-претставувањето и вмрежувањето со меѓународни партнери да создадеме конкретни можности за нови соработки и поголема видливост на македонските уметници и културни индустрии,“ изјави Ема Попивода, директорка на Македонскиот културен центар (КИЦ) во Тирана, Албанија.
„Особено сме горди што отворањето ќе биде одбележано со уникатен сценско-визуелен перформанс, кој на симболичен начин ја претставува современата македонска уметничка сцена. Интернационалниот карактер на фестивалот и експо делот создаваат одлична платформа за културна размена, а токму тоа е и нашата мисија – да ја претставиме Македонија како динамична, креативна и отворена културна средина,“ додаде Попивода.

„Мјуз-екс експо фестивал“ има изразен интернационален карактер и обединува уметници, диџеи, продуценти и креативни професионалци од повеќе земји од Европа и светот. Фестивалот се одржува на уникатна мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана, со повеќе тематски фестивалски вечери, електронска, поп и рок програма, како и паралелни сцени за настапи и презентации.
Покрај музичката програма, настанот вклучува конференции, панел дискусии, филмски проекции, експо презентации и професионални средби, што го позиционира како значајна меѓународна платформа за културна размена и соработка. Во ваков контекст, македонските уметници ќе се претстават рамо до рамо со истакнати имиња од светската сцена, пред публика и професионалци од целиот свет.
Овој настап претставува една од најголемите организирани презентации на македонската култура во регионот. Преку музика, филм, визуелни уметности, традиционални занаети и креативни индустрии, Македонија ќе ја покаже својата автентичност, креативност и современа културна продукција. Настанот отвора простор за нови партнерства, размена на идеи и засилено регионално присуство на македонските уметници.
Со ова, македонската култура добива значајна платформа за промоција пред меѓународна публика, потврдувајќи го својот потенцијал и улога во културниот дијалог на Балканот, но и пошироко во европски и глобален контекст.






