среда, 15 април 2026

Сопругата на Педро Санчез обвинета за корупција

Сопругата на шпанскиот премиер Педро Санчез, Бегоња Гомез, е обвинета за проневера, злоупотреба на влијание, корупција во деловни зделки и злоупотреба на средства, по двегодишна истрага од страна на судија во Мадрид.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

55-годишната Гомез е обвинета за користење на своето влијание како сопруга на социјалистичкиот премиер за да обезбеди и да води позиција на мадридскиот универзитет Комплутенсе, како и за користење на јавни ресурси и лични врски за унапредување на сопствените приватни интереси, пренесува Гардијан.

Во врска со овој случај, судијата Хуан Карлос Пеинадо го потврди обвинението против Кристина Алварез, лична асистентка на Бегоња Гомез, како и против бизнисменот Хуан Карлос Барабес.

Сите обвинети негираа каква било вина.

Истрагата против Гомез беше покрената по жалба од „Манос лимпијас“ (Чисти раце), самопрогласен синдикат поврзан со крајната десница, кој има историја на користење на судовите за гонење на оние што ги смета за закана за демократските интереси на Шпанија.

Санчез постојано го отфрла случајот против неговата сопруга како неоснована и политички мотивирана кампања за клевета. Премиерот ги обвини своите политички и медиумски противници за прогон на неговото семејство и отворено ја доведе во прашање непристрасноста на одредени членови на судството.

Судијата во одлуката од 39 страници, меѓу другото, наведува дека постојат докази за однесување во палатата Монклоа – седиштето на владата и официјалната резиденција на премиерот – кое „сè повеќе наликува на практиката на апсолутистичките режими и кое, за среќа, било заборавено во нашата земја со текот на годините“.

Премиерот, кој минатата година изјави дека „нема сомнение дека има судии кои се занимаваат со политика и политичари кои се обидуваат да судат“, кажа дека е убеден дека правдата ќе биде задоволена и дека неговата сопруга ќе биде ослободена.

„Она што го барам од судството е да донесе правда“, рече Санчез за време на посетата на Кина во вторникот. „Правдата да биде задоволена. И бидејќи сум убеден дека времето ќе ги стави сите и сè на свое место, немам што повеќе да додадам“.

Пеинадо, кој ќе оди во задолжително пензионирање во септември, им даде на странките во постапката пет дена да се изјаснат за неговата одлука. Потоа судот ќе одлучи дали Гомез ќе се соочи со судење пред порота.

Одлуката за формално обвинение против Гомез доаѓа во чувствителен момент за Санчез, бидејќи неговиот помлад брат Давид треба да се соочи со судење следниот месец по обвинение за злоупотреба на влијание. Според друг извештај на организацијата Манос лимпијас, во јули 2017 година Давид Санчез добил специјално создадена позиција во градската администрација на југозападниот град Бадахоз, која ја управувале социјалистите, во време кога неговиот брат бил национален лидер на социјалистичката партија. Тој ги негира обвинувањата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ