Егзипери е роден во Лион на денешен ден, 29 јуни 1900 година. Бил вљубеник во височините и сонувач. Зад себе остави серија романи за пилоти: „Јужна поштенска служба“, „Ноќен лет“, „Земја на луѓето“, „Воен пилот“, романот „Тврдина“, но засекогаш ќе биде запаметен по неговата книга „Малиот принц“, во која едноставно проповеда разбирање, толеранција и етика во односите во светот, нагласувајќи ја вербата во моќта на човековата трансформација.
Мобилизиран од француското воено воздухопловство, Егзипери се обучувал за пилот. Стекнал пилотска дозвола и подоцна добил понуда да лета во военото воздухопловство, но под притисок на семејството и тогашната свршеница ја одбил. Се преселил во Париз и се вработил во канцеларија. Во тој период почнал да се интересира за книжевноста и ги напишал своите први дела.
Набргу се запознал со познати писатели, меѓу кои бил и Андре Жид, кои го поддржале неговото литературно творештво.
Во 1928 година, тој станал управител на оддалечениот аеродром Кап Џуби во Рио де Оро во Сахара. Неговиот дом бил дрвена колиба, а спиел на сламена простирка. Изолиран, Егзипери полека се заљубувал сè повеќе во пустината и ја користел нејзината сурова убавина како позадина за неговата најпозната книга „Малиот принц“.
По избувнувањето на Втората светска војна повторно ѝ се приклучил на војската, летајќи во извидувачка ескадрила. По падот на Франција во 1940 година, избегал во САД, каде што во текот на летото и есента 1942 година го напишал „Малиот принц“, кој следната година бил објавен. „Малиот принц“, детска книга за возрасни, е преведена на над 150 јазици. Се вели дека е најпродаваната книга во светот по Библијата и „Капиталот“ од Карл Маркс. Општо е прифатено дека ретката роза спомената во книгата е неговата сопруга.
Во 1943 година, тој повторно се приклучил на француските воздухопловни сили во Северна Африка. Интересно е што дури и во овој период тој ја продолжил својата стара навика да пишува додека лета.
На 31 јули 1944 година, бил испратен на извидувачка мисија во долината на Рона, што ѝ претходела на инвазијата на сојузниците на јужна Франција, и никој никогаш повеќе не го видел. Неговиот авион исчезнал – и не е познато дали бил соборен, дали авионот се урнал случајно или дали станува збор за самоубиство. Основата за втората претпоставка ја навел самиот Егзипери, кој се чувствувал изолиран и осамен во овој период и верувал дека иднината не му носи ништо добро. Германските воени дневници тој ден не забележале ниту едно соборување на непријателски авион во тој регион.






