Централниот настан ќе биде големиот јубилеен концерт во Хераклеа во август, по што ќе следуваат концерти во Скопје и повеќе градови во регионот. Со овој концерт, Фолтин ќе ја има честа да го затвори Битфест 2026.
Во годината на прослави Фолтин решава дел од прославата да им ја препушти на другите. Ја препушта на пријателите, на музичарите со кои се сретнале по патот на оние што во некој момент влегле во нивната музика, а потоа ја понеле со себе.
FOLTIN RE:COMPOSED е албум составен од нови читања на композиции од Фолтин, создадени од музичари од Македонија и регионот. Секој од нив избра по една песна и ја прераскажа на свој начин, низ сопствениот музички јазик, сензибилитет и искуство. Од 29 јуни, секој понеделник на Радио Метрополис во шоуто „Маја за подварок и менопауза”, со Маја Казакова ќе се објавува по една композиција од проектот FOLTIN RE:COMPOSED, а истиот ден композицијата ќе биде достапна и на официјалните музички канали на Фолтин.
Некои концерти завршуваат со последниот аплауз. Други продолжуваат да живеат. Токму од таа идеја произлегува FOLTIN LIVE – двојна винил плоча што го претвора концертниот миг во трајна звучна меморија. Снимен целосно во живо на врвна аналогна опрема во Пловдив и Скопје, а печатен во Виена според највисоките стандарди за винил продукција, FOLTIN LIVE претставува звучна монографија на концертниот идентитет на Фолтин и обид автентичната енергија на бендот да биде зачувана во форма што ќе остане како траен документ за нивната триесетгодишна сцена.

Минатата недела во Македонија пристигнаа првите 150 примероци од винил изданието. Станува збор за лимитирана серија рачно нумерирани и потпишани плочи, наменети за колекционери, аудиофили и долгогодишни почитувачи на бендот. Tиражот е достапен преку новата веб страница на Фолтин и за време на настаните, а плочите се достапни за подигнување во продажните салони на Божиновски часовници и накит на Широк сокак Битола и на улица Македонија во Скопје. Во другите градови се испраќа по карго.
Во периодот што следува ќе бидат организирани и специјални слушачки промоции низ Македонија, посветени на искуството на слушање винил и аналоген звук. Првата слушачка промоција се одржa во петокот во Аудиокултура во Скопје, каде посетителите имаа можност да го доживеат албумот на врвна Hi-Fi опрема, во услови што овозможуваат целосно аудиофилско искуство. Следната промоција ќе се реализира во Битола, во новиот продажен салон на Божиновски часовници и накит.
Како дополнување на јубилејната програма, ќе биде реализирана и серија кратки видеа посветени на помалку познати приказни, случки и моменти од историјата на Фолтин, со што ќе биде создадена дополнителна архива на сеќавања за бендот и неговата публика. Визуелниот идентитет на јубилејните изданија и проекти го потпишува Зоран Кардула.






