недела, 28 јуни 2026

Почина Владо Јаневски, кралот на баладите

Денеска во Скопје по кусо боледување почина Владо Јаневски, еден од најпопуларните македонски пејачи и автори, познат како кралот на баладите. Веста ја потврдија негови блиски соработници.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Роден е во Скопје во на 27 ноември 1960 година. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Музичката кариера ја започнал уште како тинејџер, како член на групите „Тост сендвич“, „Бон-Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а на почетокот на деведесеттите години започнал успешна соло-кариера. Со својот препознатлив баритон, романтичните балади и авторскиот пристап кон музиката и текстовите, брзо стана еден од најомилените македонски пејачи.

Во текот на кариерата издаде шест студиски албуми, меѓу кои „Парче душа“, „Сè најдобро“, „Далеку е небото“, „Има нешто посилно од сè“, „Ваков или таков“ и „Повторно се заљубувам во тебе“. Неговите песни „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Некогаш и негде“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Еден бакнеж“, „Не зори зоро“, „Срце преку небото“, „Без тебе не ме бива“ и многу други станаа безвременски хитови и неизоставен дел од македонската поп-музика.

Јаневски настапуваше на многу домашни и меѓународни фестивали. Добитник е на повеќе награди на „Макфест“ и „Интерфест“, а во 1998 година испиша историја како прв официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем, Велика Британија, со композицијата „Не зори зоро“.

Повеќе од три децении беше меѓу најслушаните македонски музички автори.

Јаневски на 7 август требаше да одржи концерт на Античкиот театар во Охрид, кој се рекламираше во почетокот на годината, па потоа се откажа.

Последниот концерт го одржа во спортскиот центар „Борис Траковски“ на 14 февруари славејќи го денот на виното и љубовта заедно со српскиот пејач Момчило Бајагиќ-Бајага, а на 26 февруари го доби признанието пејач на годината на Златна бубамара на популарноста. Наградата му ја додели хрватската пејачка Весна Писаровиќ, на која ѝ беше гостин на нејзиниот концерт во Скопје што се одржа на 29 март годинава.

Последната песна за која сними и спот беше „Принчипеса“, издадена во февруари годинава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ