Според официјално објавените информации од организаторот, Кашавелски го освои првото место во конкуренција на современи уметници од повеќе земји. Во образложението на одлуката е наведено дека жирито ја издвоило неговата слика поради „длабочината, иновативноста и моќниот уметнички израз“, оценувајќи дека делото претставува инспиративен пример за трансформативната моќ на современата уметност.
Наградата е доделена во рамки на Progressus Art Awards 2026 – Contest 12: Contemporary Art (Edition II), а конкурсот е поддржан од швајцарската галерија Somnium Meum Swiss Art Gallery и меѓународното списание Vermeer International Art Magazine in Contemporary Realism, што дополнително ја нагласува неговата меѓународна видливост.
Кашавелски веста за признанието ја сподели и на своите официјални профили на социјалните мрежи, истакнувајќи дека е „длабоко почестен“ што токму неговото дело „Simulatrix“ е избрано за победник на конкурсот.
„Јас сум длабоко почестен што на мојата слика Симулатрикс ѝ е доделена прва награда на Прогрессус Арт Аwards 2026 – Конкурс 12: Современа уметност. Би сакал да изразам искрена благодарност до жирито и целиот тим на Progressus Art Awards за ова признание. Оваа награда е уште една важна пресвртница во моето уметничко патување и охрабрување да продолжам да го истражувам симболизмот, наративното сликарство и дијалогот. Им благодарам на сите што продолжуваат да го поддржуваат мојот уметнички пат“, напиша Кашавелски на фејсбук.
Ова претставува уште едно значајно меѓународно признание за македонскиот академски сликар.
Меѓу неговите најзначајни награди се златниот медал на „Salon des Beaux Arts“ во Лувр во Париз. Тој е добитник и на специјална награда на меѓународниот натпревар „ModPortrait“ („Artelibre“) во Шпанија. Кашавелски е добитник и на признанија од Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), меѓу кои и награди за учество и ликовен придонес на годишни изложби. Член е на ДЛУМ, како и на Француското друштво на ликовсни уметници.






