Тој предупреди дека би можело да дојде до значително користење на американските сили против Иран.
„Можеби ќе дојде време кога повеќе нема да можеме да бидеме разумни и ќе бидеме принудени воено да ја завршиме работата што многу успешно ја започнавме“, напиша Трамп на својата мрежа Трут соушл.
Тој исто така нагласи дека „доколку ова се случи, Исламската Република Иран повеќе нема да постои“.
Соопштението на Трамп дојде откако Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) објави дека извршила нов напад врз цели во Иран, како одговор на иранскиот напад врз комерцијален танкер за нафта.
Веднаш по ова соопштение, иранската државна телевизија ИРИБ, повикувајќи се на информиран воен извор, објави дека се случиле експлозии во округот Сирик, во јужната покраина Хормозган, и наведе дека „експлозиите што се слушнале биле предизвикани од неколку ракети што погодиле телекомуникациска кула во близина на селото Таруџи во Сирик“.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека извршила голем ракетен и беспилотен напад врз осум американски воени објекти во регионот на Блискиот Исток, како „решителен одговор“ на она што го нарече обновена американска агресија против земјата.
Според соопштението, операцијата следела по нападите извршени од САД врз пет ирански крајбрежни упоришта во саботата, „под изговор дека реагирале на судир меѓу морнарицата на ИРГЦ и брод што влегол во Ормускиот теснец“.
Револуционерната гарда (ИРГЦ) соопшти дека морскиот сообраќај низ Ормускиот теснец е под одговорност на Иран, во согласност со меморандумот за разбирање неодамна потпишан меѓу Иран и САД, со посредство на Пакистан.






