Најавата на Вучиќ, кој е на власт веќе 13 години, доаѓа по година и пол антикорупциски протести, понекогаш проследени со насилство, предводени од студентите. Протестите беа поттикнати од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, при што загинаа 16 лица.
Пред само неколку дена студентите во Нови Сад им оддадоа почит на жртвите од несреќата и повторно побараа распишување предвремени парламентарни избори. Нов студентски протест е најавен за недела во Краљево, во југоисточниот дел на Србија.
„Ќе бидам претседател уште само неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка“, им рече Вучиќ на своите приврзаници на провладиниот митинг во Белград. Неговиот втор и последен претседателски мандат требаше да заврши во средината на 2027 година.
Тој изјави дека ќе ѝ помогне на својата Српска напредна партија да победи и на претседателските избори и на предвремените парламентарни избори, кои првично беа планирани за 2027 година. Вучиќ не прецизираше кога точно ќе поднесе оставка, ниту кога ќе го распушти парламентот, што е предуслов за распишување предвремени парламентарни избори.
Саво Манојловиќ, лидер на студентското опозициско движење „Крени-промени“, оцени дека Вучиќ со овој потег се обидува да го ублажи политичкиот удар.
„Со оставката и распишувањето предвремени претседателски и парламентарни избори, Вучиќ се обидува да го спречи својот неизбежен пад, поради протестите и студентското движење, кое има поголема поддршка од него“, изјави Манојловиќ.
Демонстрантите, опозицијата и организациите за човекови права тврдат дека трагедијата на железничката станица е симбол на пошироко лошо управување со инфраструктурните проекти и корупцијата во државата. Тие, исто така, ги обвинуваат Вучиќ и неговите сојузници за насилство врз политичките противници, широко распространета корупција, врски со организираниот криминал и задушување на медиумските слободи.
Вучиќ и неговите соработници ги отфрлаат сите овие обвинувања. Активистите од студентското движење и опозициските партии најавија дека ќе се обидат да ги поразат Вучиќ и Српската напредна партија на изборите.
Србија е кандидат за членство во Европската Унија, но Брисел бара земјата да го зајакне владеењето на правото, да обезбеди услови за слободни и фер избори, поефикасно да се бори против корупцијата и организираниот криминал, како и да ја усогласи својата надворешна политика со политиките на ЕУ, вклучително и воведување санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.






