сабота, 27 јуни 2026

Кепеска: Со бугарските услови за влез во ЕУ, целосно се негираат македонскиот народ, јазик и историја

Јованка Кепеска е универзитетска професорка и социолог која со години се занимава со прашања поврзани со идентитетот, јазикот и државата. Таа е ќерка на авторот на македонската граматика Круме Кепески, едно од темелните дела во кодификацијата на современиот македонски литературен јазик. Кепеска зад себе има над триста научни трудови, статии и есеи. Учествувала на бројни меѓународни конференции и собири, и низ годините изградила свој академски глас во социологијата и политичкиот живот. Со книгата „Македонски идентитетски прашања“  Кепеска ги обединува ставовите и анализите што со години ги развива во своите трудови и јавни настапи. Книгата се надоврзува на темите со кои таа долго време се занимава, идентитетот, јазикот и местото на Македонија во современите политички и културни процеси. Токму за овие прашања Кепеска говори во интервјуто за МИА.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Зошто повторно пишувате за идентитетот? Нели претходното е доволно?

„Во книгата ги пренесувам сознанијата од моите теориски и практични истражувања на идентитетските прашања на народите, но пред се, на македонскиот народ во овој специфичен историски момент за македонскиот народ и за неговата идентитетска одбрана. Истражувањата што ги правам со оглед на мојата вокација иако се во рамките на мојата должност, се и моја внатрешна потреба да се вклучам во надминувањето на дилемите за мноштвото прашања и приоди.

Објавив повеќе книги, приопштив прилози на научни собири, но се огласив и во јавните гласила. Самата книга ‘Македонските идентитетски прашања’ настана во континуитет со моите три претходни книги ‘Зошто и како во спорот за нашето име’, ‘Тоталитарната свест и ние’ и ‘Мигот наш денешен’. Затоа што одбраната на идентитетот на македонскиот народ лежи во севкупноста на одговорените прашањата за тоа кои сме ние, индивидуално и колективно.

Во најзначајните филозофски ставови е дефиниран потребниот пристап кон идентитетот. Според кои е поставена и основната определба на ЕУ за различните културни идентитети и нивните самоидентитетски обележја во кои спаѓа јазикот.

Прашањето за идентитетот, имено, е фундаментално во европската филозофија затоа што од сфаќањето на суштеството со самото себе се изведува законот на односот на мислењето и битието. Идентитетот ги опфаќа сите димензии на надиндивидуалните форми и односи, тоа значи и облиците на свеста, јазикот и културата. А идентитет имаат сите живи суштества.

Приодот е дека човекот, колку што е индивидуално определен, му припаѓа и на народот. И дека токму со оглед на припадноста на народот го создава сопствениот идентитет. Наспроти контраверзите во тоталитарната свест во однос на релациите народ – нација што, по инерција, ја определуваат и, денес, свеста и процесите во животот на човекот.

Модерното сфаќање на идентитетот почнува со Рене Декарт кој акцентот го става на индивидуалниот идентитет. Жан Жак Русо потоа се спротивставува на апсолутизмот што се спроведува во име на слободното и еднаквоправно граѓанство сметајќи дека е тоа суштинско за демократскиот поредок и спротивставувајќи се на ставовите на Џ. Лок и на Е. Кант за интересниот идентитет на политичката заедница. Русо се спротивставува дека генералната волја треба да ја преовлада волјата на сите. Во исто време кога веќе одамна се смета како нерелевантна Лајбницовата дефиниција за идентитетот дека ‘две работи се истоветни само, ако тие не се разликуваат според било какво својство’.

Денешниот пристап кон идентитетот претпоставен е во Хегеловиот став за идентитетот како за меѓучовечки и динамичен момент, при што освен индивидуален тој здобива и колективна смисла. Затоа идентитетот не е прашање на чувство, иако такво постои, туку идентификацијата на секоја посебност и автентичност претставена во науката, културата и политиката. Прашањата за идентитетот, секако, се поставуваат кога се создадени нови можности за остварување и развој во социјалниот процес или кога има потреба за неговата одбрана.

Во актуелниот приод кон идентитетот, глобалните трендови што во изминатиов период сеопфатно го преобликуваа општествениот живот внесуваат замаглување. Колективните идентитети стануваат ранливи, а мултикултурните реалности се доведуваат под прашање. Се случува и ерозија на нацијата – држава при што власта се насочува само на техничкото дејствување.

Ваквите процеси, иако не смееше да ја оправдаат релативизацијата на културниот и моралниот пристап за идентитетот во однос на македонскиот народ, не можеа и да го доведат под прашање.  Дотолку повеќе што при создавањето на Европската унија не беше прифатено сфаќањето дека со нејзиното основање се создава и европски идентитет поврзан со заедничкото историско минато на членките, или врз христијанството како религиска основа на заедницата. Па, при конципирањето на Европската Унија се афирмираат различните културни идентитети. Во Повелбата, и потоа во Лисабонскиот договор од 2009 година, затоа европската заедница се дефинира како заедница што функционира врз граѓанско-правните „универзални вредности на човековото достоинство, слободата, еднаквоста и солидарноста“.

На таков начин бранејќи го македонскиот идентитет оваа книга, ја одбранува индивидуалната слобода и се спротивставува на пречките кои се јавуваат во реалноста и во свеста.

Во овој одлучувачки момент за нас, кога, за да се надмине релативизираноста на нашиот идентитет во договорите за добрососедство и преку различни контраверзи кои се јавуваат во политичката стварност  во земјата. А како врв на нашата судбина се јавува бесконечното оспорување на нашето име, а сега и целокупниот идентитетот. Така што го определуваат негативниот однос кон традицијата, некои од аспектите на живеењето ги преувеличуваат, а некои ги превидуваат, не создавајќи вистински однос спрема историјата“.

Вашиот татко Круме Кепески ја напишал првата граматика на македонскиот јазик. Вие пишувате за македонскиот литературен јазик како идентитет. Дали тоа е продолжување на неговата работа или нешто сосема различно?

„Мојот татко најмногу се посветил на создавањето на граматичката јазична норма почнувајќи од првата „Македонска граматика“ која се вбројува во кодификациската норма на македонскиот литературен јазик. Неговиот широк филозофски, историски приод кон македонскиот јазик е преточен во граматичкиот научен приод, искажувајќи ја духовната суштина на македонскиот народ преку јазикот. Со истите претпоставки ја негува литературната јазична норма и станува носител на развојот на македонскиот литературен јазик врз народните корени, прифаќајќи го живиот говор и придонесите за јазикот од уметничката литература.

Филозофскиот и социотеоретскиот приод кон јазикот не упатува дека во јазикот се искажува идентитетската суштина македонскиот народ. Јазикот е мислењето на народот преточено во говор. Јазикот ја покажува и способноста на народот за мислење. Се разбира, јазикот подлегнува под влијание и на различни идејни влијанија. Да дадеме еден пример: замислете колку има моќ за да се мисли преку еден административен јазик кој се прошири во бирократизираното време од нашиот развој. Или при схоластичноста на теоретскиот јазик раширен во минатиот општествен период?            И, секако, таквите влијанија врз јазикот, односно на мислењето, го усмерувале развојот на народот такашто, да не биле таквите влијанија, развојот на народот би се одвивал во поинаков правец. Затоа во книгата се укажува и на општата лингвистичка дискусија за развојот на нашиот јазик, и актуелно и историски“.

Книгата излегува во момент кога македонскиот идентитет е под постојан надворешен притисок од Исток и од Запад. Дали пишувањето на ваква книга денес е научен чин, политички чин или и двете?

„Оваа книга е создавана за да се определи вистинскиот опстој на македонскиот народ на кој самата му припаѓам, во услови кога се создава постојан културен и морален релативизам кон нашиот идентитет. Со научен пристап да се определи свесната идентифијата на поединецот преку автентичните и автохтоните одлики на народот на кој му припаѓа. И како да продолжи понатаму да се остварува таквиот идентитет. Свеста за идентитетот ја има објективната претпоставка во социјалното живеење но идентификацијата се извршува со науката, културата и политиката.

Во поглед на динамичноста, националниот и културниот идентитет се разликуваат. Националниот идентитет ја претпоставува постојаноста на заедницата во однос на заедничкото минато, додека културниот идентитет ја претпоставува културата како постојан процес на промени и размена на актерите. Сепак, културата која се подразбира како структура на материјалните и духовните вредности, се создава на еден социокултурен простор, поради што постигнува определеност.

Методолошки, книгата ја претпоставува релацијата која постои помеѓу филозофијата, науката и политиката. И со оглед на нужните одговори за тоа што е пресудно во политичкото дејствување да се остварат можностите за овозможување на идентитетот на македонскиот народ.

При што филозофското настојување е надминувањето на отстапувањето на мислењето од стварноста. Хегел овој процес го објаснува со три нивоа: она што како мислење се јавува во апстрактни категории во филозофијата дека потоа се преточува во конкретна критика што ја вршат науките укажувајќи на она што недостасува во стварноста и е можно да биде остварено со организација на општеството и решенија што ги воспоставуваат политиката и економијата, на практично ниво, за да се реализираат сознанијата, претходно постои проект односно сознајна димензија.

И покрај тоа што во поновата историја постои злоупотреба на идентитетот преку апсолутизациите што се вршат кога парцијалниот идентитет се претставува како колективен, додека во потрошувачкото општество се развива кризата на личниот идентитет.

Сепак, секоја вистинска и голема филозофија, во основа, посакува меѓусебно сретнување и разбирање со политиката, пред се, со онаа „политичка мисла“, која ја прифаќа критиката што претставува дијагноза на современата духовна ситуација на општествената стварност, и е врвот на мислењето, станала релевантна во светски размери кога за техничката епоха и соодветната организација.

А разбирањето помеѓу мислителот и политиката е можно само кога власта ќе се заземе за резултатите на мислителот, па дури и да го поттикнува мислењето. Но додека на мислителот не му е дозволено да се колеба, да посредува и да толерира, политичарот, за да го оствари она што го смета за вистинско, може да влезе во компромис, да се држи до златната средина, се разбира во тактиката, но не и во стратегијата, за да биде „мудар“, реален политичар. Книгата во таа смисла ја очекува истоветно релацијата помеѓу искажаното и политичката реализација“.

Неодамна јавно полемизиравте со бугарски тези за потеклото на кирилицата. Колку е опасно кога историски факти стануваат политички оружја?

„Апсурдите на политиката на Бугарија, всушност, се јавуваат со нивниот историскиот пристап и пројавените претензии кон македонскиот народ.

Бугарија нашиот јазик го определува само како лингвистичка форма која ја зборува населението. Со тоа, не само што јазикот не е именуван како македонски, туку нашиот јазик се определува дека е некој издвоен или „нормиран“ облик на говор. За да се постигне целосна јазична, културна, историска демакедонизација, на припомош се претпоставува и Преспанскиот договор со кој се губат македонските обележја на државата и на политичките институции и дел од културниот идентитет, одземајќи им го правото на Македонците на македонска држава и нација.

Со бугарските услови за нашиот влез во ЕУ, имено, целосно се негираат македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историја. Консеквентно, се негира и македонското малцинство во Бугарија, инсистирајќи и Албанија да признае бугарско малцинство кај себеси. И покрај научната и правната теорија кои укажуваат дека националните малцинства се делови од народот поврзани со матицата, Бугарија ја премостува територијата на Македонија, поврзувајќи го македонското (за Бугарија бугарско) малцинство во Албанија, со Бугарија. Нешто, што со индигнација треба да укаже, дека може да индицира и евентуални потези за засновување на права врз ‘неидентифицираната’, сега, македонска територија.

Со ветото за прием во ЕУ од страна на Бугарија поставено е Македонија да се натера на откажување на идентитетот на македонскиот народ, кој „бил бугарски до 1944 год“, и од посебноста на македонскиот јазик, претставувајќи го само како уставен. Македонија да се услови да прифати Бугарите да се внесат во Уставот на Македонија како конститутивен народ и да се институционализира негова социјална позиција со цел преку образованието и културата, кај македонскиот народ, постапно, да се инфилтрира бугарското чувство.

Недоволното познавање на социјалната теорија за создавањето на македонскиот народ и неговата современа потреба од политички идентитет преку нација, држава на етничка територија и нивна идентификација со македонското име, како следствен историски процес, ги создаде нелогичностите во нашите политички постапки при определувањето на односите со Грција и со Бугарија.

Во социјална теорија постои елаборација за настанувањето на македонскиот народ во раниот феудализам. Со идентификацијата на јазикот со македонското население со создавањето на азбуката (глаголицата, покасно и кирилицата) што претставува и прва кодификација на јазикот, покажана преку литерарната еманација во делата на првите просветители, св. Кирил и св. Методиј, св. Климент и св. Наум се одвиваат историските процеси на претворањето на „темното во светло“. Што, покасно, се одвиваат и кај западните народи, во ренесансата, а се претпоставка за создавањето на народите.

Сепак, претензијата на Бугарија е да се претстави кирилицата како бугарска азбука што ја создава св. Кирил и одбележување на денот на првите просветители св. Кирил и Методиј за бугарски државен празник.

Тоа што треба да се разлучи е ноторниот факт дека осознаеноста на народот како свест за себе настанува со нацијата преку науката и преку сите облици на творештво (културата). Кога настанува и можноста за конечна еманципација на посебен народ. Додека во моментите за нелинеарноста на историските настани треба да ги бараме сцилите и харибдите пред кои стои развојот на македонскиот народ во различните периоди на своето постоење, какви што се средниот век, векот на преродбата и современата државничка историја. Како што нема место и за заедничка историја на македонскиот и на бугарскиот народ од времето на феудализмот, туку за споделена историја во некои периоди. А уште помалку, може да има место за некаква нова нација. Затоа што македонската нација не настанува од ништо или од некаков нов почеток во 21 век, туку таа се остварува во реален историски процес. При што процесот на постигнувањето на националната свест неминовно се остварува во истоветниот историски период како и кај соседните народи, во 19 век. А на крајот, да заклучиме: За волку значајни социјални прашања е потребно долго разговарање и во неограничен рок. И со повеќедисциплинарен научен придонес, а не преку политички обврзани комисии…“

Дали младите Македонци денес знаат доволно за сопствениот идентитет или прашањето е, дали воопшто ги интересира?

„Оперативноста во политиката, при отсуството на вистинската општествената ориентација, за жал, во последниот период, се прошири во Македонија. Ако во комунистичкиот период беше нарушена релацијата свест – реална состојба на животот, што го парализираше развојот на општеството, ваквиот преод за оперативност е другата крајност, како лошо продолжение и лоша замена за постојната неделотворност во ерата на научно-технолошкиот развој.

Во такви општествени состојби страдаше научниот развој, образовниот систем, моралниот поредок кој остави последици врз младите. Ако немате застапеност и опфатеност на идентитетските содржини во научните анализи, во институционалните облици на образование во услови кога постои процес на аномија (во социологијата, аномија е општествена состојба дефинирана со искоренување или рушење на какви било морални вредности, стандарди или насоки што треба да ги следат поединците, нов.заб.) на вредностите, тогаш самата состојба на свеста и кај младите може да се претпостави дека е дезориентирана. И не затоа што помалку се припадници на својот народ, туку дека изостанало градењето на свеста за припадноста кон народот.

Негативната свест во нашата младост произлезе поради опстојувањето на затекнатата состојба, оневозможеноста таквата да се надмине, немањето сили да се осмисли напредокот, пројавено и на политички начин како процес историски необјективен, во изминатиов период во Македонија. Свеста  која произлегува, во крајна линија, и од ненадминатиот начин на производство и неразрешените основи за нова економска и општествена фаза во која би навлегувале во иднина, ја оптеретува свеста на младите во Македонија.

Обликот на затворено општество кое го претставуваше општеството на индустријализацијата што го изминавме во социјалистичкиот период, како фаза на ограничени економски ресурси и специфична социјална подвоеност, провоцираше свест, иако несоодветна со стварноста, претставена за севкупна општествена свест, го зајакнува отпорот на младите.

Покрај аномијата – отсуството на создадени нови вредности, се создаде и антиинтелектуализам како заситеност од схоластичното, догматизираното мислење, претпоставена од степенот  на економската развиеност, технологијата и сопственичката структура, кога владее морал кој ги држи луѓето неприемчиви кон надворешното, кон новото и осознаеното; која не појдува од начелото дека границата на слободата на единката ја има во границата на незагрозување на слободата на другиот, но поставена како основа на организацијата и дејностите во општеството и искажана во јавниот живот, во дискурсот, во медиумите.

При што опстојува и обидот да се одржат состојбите статус кво  во различните сегменти во општеството, во стопанството, во правните инстанци и асоцијации, во институциите од различна дејност, во медиумите и во центрите што извршуваат дејности од општествената свест, преземајќи  активности или со опструкции во однос на промените, состојбата опстојува продолжително.

Било како пристап во општествената организација или како производствен процес со бирократско – административен приод, несоздавајќи интелектуален пристап туку пројавувајќи воопшто испразнет говор, било како неолиберален пристап кој човекот го сведува само врз гол економски интерес, кој не ја штити индивидуалноста и, впрочем, и како однос и кон природата, што не можат да претставуваат водилка во нашиот развој.

Иако, паралелно, опстојуваа реперкусиите врз свеста и од страна на (нео)либерализмот, кој го постави индивидуализмот, го дефинира економски и правно, но не го разреши и прашањето на индивидуалноста, како основна одлика на новата технолошка фаза. Онака како што филозофски е претпоставено дека правецот на развојот води кон создавање на личности, на индивидуалности. Процес кој е означен како собирање на сето во tehne, како technelegein: осознаеноста (логос) на стварноста и творештво, што се произведува сооdветно форма според стварноста. Како суштина на новата фаза во развојот на општеството.

И како карактеристични состојби на настапувачката фаза на развојот што се потврдуваат во развојот на Сингапур, а на таков начин се разви Јапонија, а денес и Кина и се чини, и цела Азија. Додека во нашата стварност, пак, присутните застарени економски процеси, формирајќи состојби на ограничувачка свест, го оневозможуваат развојот.

Оперативноста во политиката, при отсуството на вистинската општествена ориентација, за жал, се прошири во Македонија. Ако во комунистичкиот период беше нарушена релацијата свест – реална состојба на животот, што го парализираше развитокот на општеството, ваквиот преод за оперативност е другата крајност, како лошо продолжение и лоша замена за постојната неделотворност во ерата на научно-технолошкиот развој.

Дотолку повеќе што и сфаќањето на поимот интелектуален ја претставува способноста за оперативност, деловност. Интелектуалецот, како оперативен човек на денешницата, на минатото и на иднината гледа како на нешто неактуелно. Но, се појдува и со пристапот дека на волјата на неговиот чин дека сé мора да му служи. Таквата суштина се пренесува на севкупната состојба на свеста во земјата на логиката, на естетиката и на етиката кои и од своја страна, ја продлабочуваат поврзаноста на човекот за оперативната сегашност“.

Книгата е поделена на пет поглавја од политички идентитет до светски развој поврзан со Македонија. Кое поглавје ви беше најтешко да го напишете и зошто?

„Во книгата кон народот се пристапува со целовит одговор. Гледањето на народот, одвоено од неговото дејствување, не е филозофскиот  пристап (според хрватскиот филозоф Вања Сутлиќ). Презентирајќи го ваквиот теоретски приод кон идентификацијата на македонскиот народ ја застапуваме македонската народна песна како творечки чин на македонскиот народ, идентификацијата со неговите први учители, св. Кирил и Методиј, Климент и Наум, но и со преродбениците: браќата Миладиновци и плејадата истовременици, со Крсте Мисирков, и со најзначајните повоени творци, меѓу кои Кочо Рацин, Круме Кепески и севкупно, основоположниците во најразновидните културни и општествени дејности во повоениот период во Македонија.  Тоа се пред се приодите за односот на народот и јазикот елаборирани кај Крсте Мисирков  и кај Круме Кепески, дека јазикот ја изразува духовноста на македонскиот народ и дека го определува патот во развојот на македонскиот литературен јазик.

Потребата за ваквиот приод кон македонскиот идентитет се наложува дотолку повеќе што, покрај тоа што навлегуваат во употреба одделни термини со различни значења за настанокот и обележјата на македонскиот народ, се јавуваат и недоречености за неговото настанувањето. Занемарувајќи ги и согледувањата на Крсте Мисирков за создавањето на првиот книжевен јазик врз говорите на македонските племиња и дека со создавањето на азбуката е отворен патот на книжевното творештво, народот да создава писменост, постоечки кај најзначајните слависти. Да се потсетиме само на англискиот славист Региналд де Бреј кој, во рецензијата на првата Македонска граматика од Круме Кепески, укажа за судбината на македонскиот народ како за, ‘судбина на народот кој прв создаде книжевен јазик, последен да биде признат како рамноправен меѓу словенските јазици’.

Актуелната дебата да се сведува на политичка реторика и на правни решенија. А јасно е дека не може да има придвижување на политичкото, па и на правното ниво, без познавање на повисоките мисловни сознанија. Имено, за да се оствари перспективата на развојот, во совремието во мисловниот пристап кон стварноста да се определува пред се на теоретско категоријално ниво, кое што треба да се познава и да се прифаќа. А тоа потоа на реално, категоријално ниво, во форма на наука,  критички континуирано да ја преоценува стварноста за да се согледа она што би можело да биде остварено, а не е направено. И, на крајот, на организациско ниво, (на ниво на политиката и економијата), да се остварува во стварноста.

Книгата ‘Македонските идентитетски прашања’ ги опфаќа моментите од идентитетот: Политичкиот идентитет на македонскиот народ (Нашата припадност на народ; Раната македонска идентификација; Природно-правниот приод кон нашата нација; Значењето на АСНОМ-ските одлуки за македонскиот политички идентитет; Ограничувањата на Преспанската спогодба во однос на македонскиот политички идентитет; Мултикултурното општество не е мултиетничка држава; Стратегијата за македонското национално прашање; Релативизирање на македонскиот карактер на државата; Ставовите на македонскиот народ спрема Македонците во соседните земји; Новиот обид да се наметне заедничка историја со Бугарите; Македонството); Македонската култура како идентитет; Македонскиот литературен јазик како идентитет на македонскиот народ; Општествениот развој како претпоставка за македонската идентификација; и Аспектите од светскиот развој поврзани со нас“.

Повеќе децении сте предавале на универзитет, пишувале во научни публикации, но и сте се огласувале во јавни гласила. Дали научникот треба да излегува во јавноста или со тоа ризикува да ја изгуби научната строгост?

“Публицистичките трудови со општествена проблематика, оформени во книга, имаат  извонредна вредност во актуелизирањето на темите од актуелното живеење, укажувајќи на проблеми и трагајќи и за нивното разрешување. Иако споделувајќи ја дневната димензија имаат и релација со политиката. Во науката, навистина, се застапуваат судови со кои се тврди или побива нешто и применувајќи соодветна методологија. Но, ноторно е дека нема сознание кое не може да се искаже на наједноставен начин. Покрај тоа, педагогот е обврзан на ширење на сознанијата дури и со закон за универзитетските наставници.

Публицистичките книги со опфатените теми ја одржуваат будна јавната свест. Информирајќи, наметнувајќи решенија и очекувајќи реакција од носителите на општествените задолженија за предложените заложби да се остварат. Со својата едноставност се поблиску до читателите“.

Круме Кепески е еден од столбовите на македонската лингвистика. Дали тоа наследство е привилегија или товар со кој живеете?

„Позицијата како практичен творец на македонскиот литературен јазик на мојот татко не му дал повластена социјална позиција. Можеби за тоа придонел и неговиот животен пристап да не се насочува кон постигнување општествена моќ и привилегии. Работејќи на остварување на идеалите поврзани со стекнувањето на слободата на народот, стекнувањето на сопствена држава, се посветува на литературниот македонски јазик каде што имал професионално и творечки што да придонесе. Тој самиот ќе рече, ‘целиот живот го посветив на македонскиот народ и на македонскиот јазик’.

Имаше голем народен авторитет. Народот ги препознава вистинските свои авторитети и има признание за придонесите. Тоа ја претставува мојата тивка гордост и почит спрема родителот. И единствената привилегија во наследство, што ја носам.

Неговите морални вредности, меѓу кои потребата за широк интелектуален придонес, секако, влијаеја во животните настојувања, да се формирам.  Мојот професионален пат се разликува од оној на татко ми. И тоа за него, како на застапник на модерната педагогија, прифатливо е како за моја професионална иднина. Многу брзо осетив дека ми недостасува подлабока мисла во дејствувањето. Впрочем, познато е дека мисла лишена од теориска суштина е слаба мисла. Затоа и тежнеев за теоретско надоградување, пред се, од сферата на социотеориските сознанија во моето професионално профилирање. Само во една прилика татко ми кажа, прочитувајќи мој текст, како вистински јазичар,  дека сум постигнала моќна реченица во искажувањето.

Со татко ми споделувавме исти културни интереси како и потреба за широка комуникација со луѓе што човечки не поврзуваше. По неговата смрт се најдов во ситуација дека сум упатена да ја средам неговата интелектуална оставина предавајќи ја на општествено чување. Тоа го сметам за моја должност кон родителот, но и како повикан општествен ангажман за да се заштити значајно дело во развојот на македонскиот јазик, кога институциите покажуваат инертност за тоа. Со оглед на мојата позиција на, така да кажеме, најблизок сведок, можеби, се покажа и како соодветен ангажман.

Самиот ги сочувал артефактите од неговата дејност. Во оставината постоеја и ракописи што не беа објавени. Придонесов да се објават во седум книги кои, на некој начин придонесоа и да се дооформи неговиот научен профил. Од неговата оставина се упатив во неговиот развоен научен пат, така што и самата објавив и две авторски книги, ‘Тоталитарната свест и ние’ и ‘Необјавени страници за македонскиот јазик на Круме Кепески’“.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ