сабота, 27 јуни 2026

Електронските услуги пораснале за 892 отсто, трансакциите за 460 отсто, тврди министерот Андоновски

За две години покажавме дека дигиталната трансформација не е апстрактен концепт, туку дека значи извод без шалтер, уверение без губење денови, лиценца што се проверува со QR код, институции што разменуваат податоци меѓу себе, помалку документи и повеќе услуги на едно место, побрза администрација, пголема сајбер безбедност, повеќе дигитални вештини и можности за младите, како и повеќе доверба во институциите, рече денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Објавено на

часот

Сподели

Во отчетот за сработеното, Андоновски ги претстави 11-те клучни приоритети преку кои се водеше дигиталната трансформација во изминатите две години.

„Првиот приоритет е Националниот портал за електронски услуги, чиј развој најдобро се гледа преку растот на бројот на услуги, корисници и поднесени барања. Вториот приоритет се центрите за услуги, чиј број се зголеми од 5 во 2024 година на 16 денес, со цел државата да биде поблиску и до граѓаните на кои им е потребна директна поддршка. Третиот приоритет е интероперабилноста – размената на податоци меѓу институциите. Месечниот број на трансакции преку Платформата за интероперабилност се зголеми од околу 708.000 на речиси 4 милиони, што претставува раст од 460 проценти. Четвртиот приоритет е електронското работење во администрацијата преку еДМС, каде бројот на институции приклучени на системот се зголеми од 22 во 2024 година на 43 во 2026 година. Петтиот приоритет е европската и реформската агенда. Досега се ослободени 31,7 милиони евра како поддршка за Македонија од Планот за раст, само во делот на дигиталната трансформација“, информира Андоновски.

Шестиот приоритет, дополни, е процесот „Роаминг како дома“. Министерството ги заврши сите домашни обврски за воведување пакети за роаминг со Европската Унија по цени исти како во домашните мрежи за интернет, повици и смс пораки.

„Седмиот приоритет е сајбер безбедноста. За првпат, државниот центар за одговор на сајбер инциденти е примен во светската организација Фрст. Во оваа област се инвестирани 2 милиони евра во опрема, обука на професионалци и меѓународна соработка. Во истиот контекст, воспоставен е и механизам за блокирање нелегални приредувачи на игри на среќа онлајн, при што досега се забранети 358 нелегални приредувачи. Осмиот приоритет се СМАРТ лиценците, како дигитални постапки кои обезбедуваат поголема правна сигурност, поголема транспарентност и помалку простор за административна субјективност. Деветтиот приоритет се вештачката интелигенција, образованието и дигиталните вештини. Во овој дел, Министерот го истакна Националниот центар за вештачка интелигенција „Везилка“, проект со вкупна вредност од 6,5 милиони евра, како и обуките за администрацијата и вложувањето во македонскиот јазик во дигиталната ера“, нагласи министерот.

Според него, десетиот приоритет е безбедноста на децата и дигиталното образование. Министерството го формираше Националниот центар за побезбеден интернет за деца, МкСафеНет, поддржан од програмата Дигитална Европа со повеќе од 700.000 евра. Паралелно, Министерството ја предводи и програмата „21st Century Schools“ со British Council.

Единаесеттиот приоритет е транспарентноста и јавната комуникација. Воспоставен е интегриран систем за веб-страниците на Владата и министерствата, а во тек е и изработка на унифицирани веб-страници за 40 општини и органи на државна управа.

Андоновски потенцираше дека резултатите на Министерството се препознаени и меѓународно. Македонија бележи скок од 22 места на GovTech Maturity Index на Светска банка и преминува во категорија А. Во 2025 година, Министерството за дигитална трансформација беше рангирано и на прво место по транспарентност.

„Не тврдиме дека сите проблеми се решени, туку дека насоката е променета. Од импровизација, кон стандарди. Од недоверба, кон предвидливост. Од стагнација, кон движење“, порача министерот Андоновски.

Нагласи и дека Македонија не смее да биде држава на чекање, туку држава што испорачува конкретни резултати за граѓаните, компаниите и институциите.

„Дигиталната трансформација за нас значи држава што е достапна од секој уред, услуги што се завршуваат без непотребни шалтери, институции што разменуваат податоци наместо граѓаните да носат документи, и систем што ги штити податоците и довербата на граѓаните. Нашата обврска е да продолжиме да градиме дигитални услуги, сајбер отпорност и институции кои испорачуваат брзо, транспарентно и еднакво за сите“, истакна министерот Андоновски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ