недела, 28 јуни 2026

Украински дронови нападнаа рафинерии низ Русија, избувнаа пожари (ВИДЕО)

Украински дронови нападнаа нафтена инфраструктура во неколку руски региони во текот на ноќта, пријавени се и пожари во рафинерии во Славјанск на Кубањ и Јарослављ. Нападите се случуваат во време кога во Русија расте загриженоста околу снабдувањето со гориво и нафта, објави Киев Индепендент.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Според извештаите од руските медиумски канали на Телеграм, украинската војска нападнала рафинерија за нафта во Славјанск на Кубањ. На социјалните мрежи се објавени фотографии и снимки на кои наводно се гледаат големи пламени и густ чад што се издига над резервоарите за складирање во рафинеријата, која се наоѓа во во Краснодарскиот крај.

Објектот се смета за клучен за снабдувањето со гориво на окупираниот Крим, чии резерви беа загрозени во последните недели од украинските напори за изолирање на полуостровот. Регионалниот оперативен штаб подоцна соопшти дека пожарот во рафинеријата бил предизвикан од паѓање на остатоци. Обемот на штетата сè уште не е познат.

Во исто време, чад бил забележан и над областа на рафинеријата за нафта во Јарослављ, град кој се наоѓа на околу 250 километри североисточно од Москва. Гувернерот на Јарославската област, Михаил Евраев, објави на Телеграм дека регионот бил цел на украински беспилотни летала.

Украинската војска сè уште не ги коментираше нападите, а „Киев Индепендент“ не беше во можност независно да ги потврди овие извештаи.

Сè поголем недостиг на гориво во Русија

Нападите се случуваат во време кога Русија се соочува со сè поголем недостиг на гориво, влошен од украинските напади врз рафинериите. Повеќе од 20 руски региони воведоа ограничувања за продажба на гориво, а многу граѓани на социјалните мрежи се жалат на неколкучасовно чекање на бензинските пумпи.

Овие напади се дел од поширока украинска кампања насочена кон руската нафтена и гасна инфраструктура, клучен извор на приходи што Москва ги користи за финансирање на својата инвазија на Украина.

Најновите напади се случија само неколку дена откако украинските беспилотни летала нападнаа две рафинерии за нафта во руската Република Башкортостан на 25 јуни. Нападот од 19 јуни го запре работењето на Московската рафинерија за нафта, една од најголемите во Русија, која покрива 40 проценти од пазарот на гориво во Москва.

Неколку дена подоцна, по нападот со дрон, беше запрена и работата на рафинеријата „Лукоил-Нижегородоргсинтез“ во Кстово, четврта по големина во Русија, објави Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ