недела, 28 јуни 2026

Во Дојран отворена годинашната туристичка сезона

Високите температури овозможија зголемување на бројот на посетители кои сакаат да поминат викенд или повеќе денови покрај Дојранското Езеро и да ги користат природните особености на еден од домашните туристички центри. Првиот бран туристи веќе ги користи туристичките капацитети и плажите долж дојранското крајбрежје, информираше Општина Дојран.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Првиот човек на Општината, Илија Тентов, вели дека целиот брег на езерото во Стар Дојран е веќе исчистен и уреден, а во завршна фаза е и реконструкцијата на пешачката патека од пазарот до амфитеатарот.

„Сите плажи се средени, целото крајбрежје е исчистено и попесочено на потегот од Градската плажа, па се до плажата “Фук так”. Сега има повеќе можност за капачите, се зголемува слободниот простор за користење покрај езерото, односно се зголемува капацитетот и целото крајбрежје е функционално. Ги имаме првите туристи, првите прогнози се задоволителни. Се бара место повеќе во дојранските сместувачки капацитети, и од домашни и од српски туристи, а истовремено привршуваме со санирање на оштетените делови од пешачката патека“, вели Тентов.

Следната недела, на трети и четврти јули Дојран го очекува “Д – фест”, музички настан кој ќе се одржи на паркингот кај “Гранит”.

„На јавниот повик кој беше распишан на почетокот на месецот избравме продукција која ќе ја направи програмата за Дојранското културно лето. Наскоро ќе ја објавиме програмата и тековно ќе информираме за сите настани. Културното лето ќе се одржува во јули и август. Фестивалот “Преку езерото” ќе биде во склоп на Дојранското културно лето. Во двата месеци, секојдневно ќе има различни содржини, поетски рецитали, настапи на фолклорни ансамбли, глума, драми, филмови. Сите настани ќе се одвиваат на две локации, под јаворот и на амфитеатарот“, вели Тентов.

Во објавата на Општина Дојран се наведува дека Општината нема финансиски да ги поддржува манифестациите, но ќе има обврска кон организаторот да му овозможи користење без надоместок на јавните површини во наведените локации и ќе овозможи инфраструктурни приклучоци за одржување на настаните.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ