Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРЦГ) додаде дека во иднина ќе реагира уште порешително доколку се прекршат склучените договори и дека секоја непријателска агресија ќе добие жесток одговор.
„Американските бази во регионот би можеле да доживеат пекол овие денови“, соопшти Иранската Исламска револуционерна гарда.
Иранските напади врз Кувајт и Бахреин ги потврди неименуван американски функционер за Ројтерс, наведувајќи дека „ситуацијата сè уште се развива“. Тој додаде дека нема пријавени американски жртви или поголема штета на американските објекти на Блискиот Исток.
Иран подоцна објави дека е „решен да го брани својот суверенитет“ по последните американски напади врз земјата, при што двете страни се обвинуваат меѓусебно за кршење на кревкото примирје, додека започнуваат разговори за решавање на конфликтот на Блискиот Исток.
„Иран остро ги осудува воздушните напади на американската терористичка армија врз неколку објекти за надзор и контрола на јужниот брег на земјата во раните утрински часови во неделата“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи, нагласувајќи ја својата „решеност да го брани националниот суверенитет на Иран“ од американската „агресија“.






