Во првиот случај, вчера претпладне, во СВР Скопје 55-годишен скопјанец пријавил дека претходниот ден, околу 18:30 часот, на подрачјето на Бит Пазар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од четири лица. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за откривање на сторителите и расчистување на случајот.
Во вториот случај, ОВР Струга поднесе кривична пријава против 35-годишен жител на струшкото село Шум, поради основано сомнение дека сторил кривично дело насилство врз дете.
Според пријавата, тој на 15 мај годинава, околу пладне, на локален пат во селото Заграчани, физички нападнал 10-годишно момче од истото село.
Во полицискиот билтен се регистрирани и повеќе други случаи на насилство.
Во Горно Лисиче, 25-годишен скопјанец пријавил дека бил физички нападнат од 68-годишен маж, кој му се заканувал и со остар предмет. Во Карпош, полицијата привела 50-годишник поради закани кон својата сосетка, а регистрирана е и физичка пресметка меѓу две семејства.
Дополнително, во Гази Баба, 25-годишна жена пријавила дека таа и нејзината малолетна ќерка биле физички нападнати од две лица, а евидентирани се уште два одделни случаи на физички напади и закани.
За сите случаи, полицијата презема мерки, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.






