недела, 28 јуни 2026

Друштво во стечај или партија што се распаѓа, продолжува пресметката меѓу ЗНАМ и СДСМ

Заострената политичката реторика меѓу Движењето ЗНАМ и СДСМ продолжува откако лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска остро одговори на обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека оваа опозициска партија е друштво во стечај, координирано од Струмица, а ликвидато е Венко Филипче, додека од СДСМ возвратија дека токму ЗНАМ се распаѓа и претставува политички проект на премиерот Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

По критиките од СДСМ, Димитриевски изјави дека раководството на партијата се обидува сопствените политички неуспеси да ги претстави како проблем на другите политички субјекти.

„Раководството на таа некогаш државотворна партија, која денес е сведена на ниво на ликвидација, во континуитет сопствените грешки ги бара во туѓите редови“, изјави Димитриевски, додавајќи дека интересот на граѓаните за трибините на ЗНАМ е доказ дека движењето ја зголемува поддршката.

Тој оцени дека СДСМ треба да се соочи со причините поради кои ја изгубила довербата кај граѓаните, а за актуелното раководство рече:

„Тоа е друштво во стечај, координирано од Струмица, а ликвидаторот е Венко Филипче.“

Димитриевски порача дека ЗНАМ ќе продолжи со средби со граѓаните и со промоција на својата програма за, како што наведе, европска Македонија со силни институции и национално достоинство.

Од СДСМ, пак, возвратија со соопштение во кое тврдат дека ЗНАМ е во фаза на распаѓање и дека нејзиното раководство организира караван низ државата во момент кога, според нив, партијата ја губи поддршката.

„Додека ЗНАМ се распаѓа и последните двајца преостанати во партијата се тепаат за министерски фотелји, раководството организира караван низ Македонија“, велат од СДСМ.

Оттаму уште наведуваат дека ЗНАМ е сателит на ВМРО-ДПМНЕ и дека премиерот Мицкоски веќе подготвува нов политички проект – „ЗНАМ 2.0“, кој, според СДСМ, треба да послужи за раздробување на опозициските гласови на следните избори.

СДСМ ја обвинува владејачката коалиција за економски проблеми, празен буџет, загрозен пензиски фонд и застој на евроинтеграциите, оценувајќи дека политичките каравани се обид да се одвлече вниманието од овие прашања.

„Наместо да се соочат со економскиот колапс, наместо да одговорат зошто Буџетот е празен, зошто пензиониот фонд е загрозен и зошто Македонија е целосно изолирана од европскиот пат, тие прават политички театар. Здружението на Максим Димитриевски и уште неколку квислинзи од СДСМ, ЗНАМ никогаш не беше вистинска политичка сила.  Тоа беше инструмент во рацете на Мицкоски. Сега кога тој инструмент се распаѓа, тие се обидуваат да го продолжат неговиот живот преку караван и празни слогани. Но граѓаните веќе ја препознаа играта. Караванот е театар додека се делат тендери. Доаѓа време вистина и правда“, категорични се од СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ