Според податоците на ЦУК, активни се пожарите во населбата Перо Чичо во Општина Куманово, каде гори депонија и ниска вегетација, како и меѓу населбата Бедеиње и селото Режановце, каде огнот зафатил ниска вегетација и садници.
Активен е и пожарот на депонијата во Пехчево, како и пожарот меѓу селата Тркање и Бање во Општина Чешиново-Облешево, каде гори ниска вегетација. Огнот е активен и во близина на Злетовска Брана во Општина Пробиштип.
Под контрола е пожарот кај селото Дворци во Општина Пласница, каде гори депонија.
Во текот на денот целосно се изгаснати шест пожари – кај селото Казан Дол во Општина Валандово, Инџиково во Општина Гази Баба, Руѓинце во Општина Старо Нагоричане, во близина на „Риал Компани“ во Општина Врапчиште, кај селото Лакинци во Општина Свети Николе и кај селото Гари во Општина Дебар.
Од ЦУК информираат дека противпожарните екипи и понатаму се на терен и работат на локализирање на активните пожари и спречување на нивното понатамошно ширење.






