Втората панел-дискусија од националниот караван на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија претставува продолжение на непосредниот дијалог со граѓаните низ државата, со цел заедничко креирање политики за модерна, стабилна и просперитетна Македонија, велат од ЗНАМ.
Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакнал дека Македонија има јасна европска определба, но дека тој пат мора да биде пат на самоуверена, достоинствена и суверена држава.
„Нашиот пат кон Европа е пат на модернизација, на владеење на правото, на силни институции и создавање подобри услови за живот за секој граѓанин. Но, европската интеграција не смее да биде процес на губење на сопствената суштина. Македонскиот јазик, македонската култура, нашата историја и нашата државотворна традиција се темелите врз кои ја градиме иднината“, порачал Димитриевски.
Тој нагласил дека вистинското државништво подразбира способност да се обедини европската перспектива со јасната свест за сопствениот идентитет.
„Европа не треба да биде простор во кој ќе се изгубиме, туку простор во кој ќе го афирмираме она што сме. Македонија може и мора да биде европска според своите стандарди, институции и вредности, но истовремено автентична според својот јазик, култура, историја и национална посебност. Во европското семејство сакаме да влеземе како рамноправен партнер – со јасна свест за тоа кои сме и со силна определба за тоа каде одиме“, истакнал претседателот на ЗНАМ.
Димитриевски порача дека ЗНАМ ќе продолжи да ја гради својата политика врз принципите на одговорност, чесност и работа, како основа за враќање на довербата во политиката и институциите.
„Не се бориме за привремени политички позиции, туку за трајни вредности. Нашата цел е да изградиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, во која институциите ќе бидат вистински сервис на граѓаните, а успехот ќе биде резултат на знаење, труд и посветеност. Македонија заслужува политика која гледа подалеку од еден мандат и работи за генерациите што доаѓаат“, порачал Димитриевски.
Во рамки на панел-дискусијата свои излагања имаа и генералниот секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, како и потпретседатедателот на Движењето ЗНАМ, Борче Серафимовски.
Тие говореа за реформските процеси во јавната администрација и земјоделството, нагласувајќи дека европската перспектива на Македонија е условена од изградба на професионални институции, економскиот развој и ефикасна администрација која е во интерес на граѓаните.
Караванот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ продолжува во повеќе градови низ државата, како платформа за отворен разговор со граѓаните и заедничко обликување на визијата за Македонија, европска според своите стандарди, силна според своите институции и достоинствена во зачувувањето на своите национални вредности.






