„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телото на починатата, при што потврдено е дека смртта е насилна. Под сомненија за сторено кривично дело, лишен од слобода е поранешниот сопруг на жртвата, а задржани се и тројца негови пријатели. Се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот“, појаснија од Обвинителството.
Од МВР информираа дека денеска е лишен од слобода С.Г., на возраст од 51 година, со престојувалиште во скопско Таор, поради постоење основи на сомнение дека ја убил 48-годишната Ж.Г.
„На 26 јуни 2026, С.Г. пријавил во полициска станица дека од домот се оддалечила Ж.Г., со која живееле во иста куќа, а следниот ден пријавил дека ја пронашол почината Ж.Г. во близина на село Летевци, скопско. На местото излегле полициски службеници и јавен обвинител, по што телото, кое било во фаза на распаѓање, по наредба на јавен обвинител е предадено на судска медицина за обдукција. Со С.Г. е извршен службен разговор и тој е лишен од слобода, а во врска со случајот лишени се од слобода и З.М., Г.Б. и М.Д.“, информираа од МВР.
Оттаму соопштија дека во координација со јавен обвинител, се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.






