„На овој геноцид се потсетуваме секоја година, пред спомеников изграден на 30 јуни 1988 година, во чест на одржувањето на Првата светска средба на децата бегалци од 30 јуни до 4 јули 1988 година во Скопје“, рече претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, Александар Јаневски.
За жал, нагласи, од 2019 година до денес перманентно демолиран, без обвинети и без санација.
Јаневски рече дека очекуваат, конечно целосно да се реставрира споменикот.
„И покрај сè и после сè, на македонската Влада ѝ предлагаме да иницира историско помирување на македонскиот народ со соседните народи и склучување на договори за траен мир и добрососедство на државата Македонија со соседните држави. Но, врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи взаемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, не мешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи“, порача, меѓудругото, Јаневски.
Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес, рече дека и покрај сè и после сè, длабоко во срцето ја носиме верата во Бога и љубовта за Македонија.
„Но, пред да бараме светот – Генералното собрание и Советот за безбедност на Обединетите Нации, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на ОЕБС, Европскиот парламент на ЕУ и Самиот на шефови на држави и влади на НАТО со резолуција да го осудат геноцидот врз македонскиот народ од Балканските војни до денес, на 13 мај 2026 година, Светскиот македонски конгрес поднесе предлог – резолуција за осуда на геноцидот врз македонскиот народ до претседателката на Републиката, Собранието и Владата на Македонија тоа да го стори, за ден на геноцидот врз македонскиот народ во цел свет да се одбележува 10 август, кога во 1913 година е поделена Македонија и македонскиот народ, врз нив е извршена окупација и геноцид кој трае до денес“, подвлече, меѓудругото, Петров.
Во организација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Сонцето од Кутлеш“ – Скопје, за денеска е најавена и Академија посветена на 80-годишнината од почетокот на Граѓанската војна во Грција 1946-1949 и 78-годишнината од прогонството на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година, во Дом на културата „11 Октомври“ во скопската населба Ченто.
МИА






