Она што најмногу ја боли Ивана Митревска, сопругата на овој македонски бранител е најновиот проблем со кој се соочува ова македонско семејство е дискриминацијата по основ на домување.
По речиси четврт век чекање, препраќање на предмети меѓу институции, ургенции и судски постапки, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗСД) официјално утврди дека врз овој македонски бранител, 100 процентен воен инвалид од прва група, била вршена продолжена и интерсекциска дискриминација во областа на домувањето иако државата има на располагање слободни станови.
Како што објаснува Митревска, КЗСД утврдила продолжена дискриминација во областа на домувањето, нејасно и нетранспарентно рангирање, постоење станбен фонд, доделување станови на други лица, вклучително и на воени инвалиди, потреба од транспарентност на методологијата и критериумите за распределба. Според податоците разгледани во мислењето на КЗСД, во 2022 година биле евидентирани 83 слободни станови, од кои 29 во Скопје, 1.055 станови кои се користат без соодветен правен акт, 1.980 станови користени врз основа на времени решенија, како и 1.208 станови со специфичен или нерегулиран статус.
„Ова не се лични податоци за приватниот живот на нашето семејство. Ова се податоци за државен станбен фонд, јавен имот, јавни средства, јавни овластувања и распределба на државни ресурси. Фактот што мојот сопруг има непосреден личен правен интерес не го поништува јавниот интерес. Напротив, случајот на мојот сопруг открива пошироко прашање од јавен интерес за начинот на кој државата управува со становите и го применува законскиот приоритет“, вели Митревска.
Поради ова, КЗСД дала конкретни препораки во рок од 30 дена да се донесе одлука, да се обезбеди транспарентност во критериумите за распределба на становите и Комисијата писмено да го извести семејството за преземените мерки.
Институционален лавиринт без излез
Наместо случајот да биде решен без одлагање, институционалната постапка со години се сведува на преписки, известувања и административни уверувања дека предметот „е во тек“, без да биде донесена конечна одлука. Во меѓувреме, предметот бил разгледуван или бил повод за постапување на повеќе независни и контролни институции, но и покрај нивните укажувања, Комисијата не ја завршила постапката.
Освен КЗСД, претходно, и Народниот правобранител повеќепати интервенирал по предметот. Народниот правобранител констатирал дека Комисијата со години доставувала само формални известувања дека предметот ќе биде разгледан, но без да донесе мериторна одлука, при што препорачал предметот да биде ставен на дневен ред и да се реши со приоритет.
„Случајот на мојот сопруг e внесен и во Годишниот извештај за 2025 година како пример за долгогодишно нерешено станбено прашање на лице со 100 отсто воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца. Во извештајот е опишана состојба во која мојот сопруг повеќе од 15 години чекал соодветно, безбедно и трајно станбено решение, додека Комисијата доставувала формални одговори дека предметот не бил разгледан или дека ќе биде разгледан, без да донесе мериторна одлука. Народниот правобранител укажувал дека предметот треба да биде ставен на дневен ред и решаван со приоритет. И покрај институционалните ургенции, конечен акт нема“, вели Митревска.
На слични заклучоци дошол и Државниот управен инспекторат. По извршен инспекциски надзор, Инспекторатот утврдил дека по поднесеното барање и неговите дополнувања воопшто не било постапено согласно правилата на управната постапка и дека предметот не бил ставен на дневен ред на Комисијата за станбени прашања.
„Овој наод е особено важен затоа што покажува дека долгогодишниот молк не е само наше субјективно чувство. Тој е службено утврдена состојба од контролен државен орган. По инспекцискиот наод, наместо конечна одлука, Комисијата повторно достави само известување за статусот на постапката, без диспозитив, без целосно образложение и без правна поука“, вели Митревска.
Покрај тоа, случајот стигнал и пред Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен, а потоа и пред Управниот суд, токму поради долгогодишното недонесување конечна одлука. Парадоксално, како што наведува Митревска, Комисијата подоцна токму постоењето на судската постапка го навела како причина зошто не може да продолжи со одлучувањето, иако судскиот спор бил покренат поради нејзиниот претходен молк.
„Со тоа за нас е создаден институционален круг без излез. Предметот е пред Управниот суд токму затоа што Комисијата не донела конечен управен акт.
Органот не може прво да создаде долгогодишен молк, потоа да биде тужен поради тој молк, а потоа постоењето на тужбата да го користи како причина повторно да не одлучува. Тужбата поради молк не може да биде алиби за продолжување на молкот“, вели Митревска.
Случајот стигнал и до Министерството за правда кое доставило претставката до Комисијата за станбени прашања при Владата кое одговорот го препратиле до семејството на македонскиот пбранител.
„Наместо институционален исход, повторно добивме препраќање и одговор дека оригиналните списи се пред Управниот суд. Министерството за правда, Министерството за транспорт, Генералниот секретаријат, Кабинетот на Претседателот на Владата и Кабинетот на претседателката на државата кои се официјално запознаени со случајот. Предметот не е непознат. Документите не биле недоставени. Ранливоста не била скриена. Сите релевантни институции знаеле дека се работи за мојот сопруг – 100 отсто воен инвалид од прва група, за невселива барака, долгогодишен молк и петчлено семејство. И покрај тоа, конечен управен акт не е донесен“, категорична е Митревска.
Државата ниту дава стан, ниту одлука, а не ги дава и документите
Митревска реагира и вели дека не може 24 години никој да не донесе одлука, да не даде основна информација дали предметот за одобрување стан на овој бранител е ставен на дневен ред на седница на Владата.
„Не може да не се открие дали мојот сопруг бил рангиран и на кое место. Не може да не се објават критериумите според кои други лица добивале станови. Не може да се тврди дека нема станови, а да не се достават податоците за становите на залиха, нераспределените единици, становите без акт и становите со привремен или нерегулиран статус. Не може бараните информации да се прогласуваат за ‘личен интерес’, а КЗСД истовремено да утврдува продолжена дискриминација и да бара транспарентност на распределбата. Не може мојот сопруг да биде оставен без соодветен дом, а да му се пресметува закупнина и да биде изложен на извршување за невселив објект. Не може државата истовремено да ја затвори вратата кон правото и вратата кон документите што покажуваат зошто правото не било остварено“, револтирано вели Митревска.
Таа потенцира дека како сопруга и мајка, не бара милост, туку само бара примена на Уставот и законите.
„Не барам подарок. Не барам политичка услуга. Не барам привилегија надвор од законот. Барам државата да го примени законскиот приоритет што самата го утврдила за воените инвалиди. Барам да се почитува посебната уставна заштита на мојот сопруг, кој го загубил здравјето при извршување службена должност. Барам конечен, писмен и образложен управен акт, реално и соодветно станбено решение, дом приспособен на потребите на петчлено семејство, почитување на здравствената состојба и потребата од нега, доставување на службените документи, објавување на методологијата и критериумите, увид во рангирањето, транспарентно управување со државниот станбен фонд, прекин на продолжената дискриминација“, вели Митревска.
Таа верува дека случајот на нејзиниот сопруг не е само лично станбено прашање, туку тест за владеењето на правото, тест за државата.
„Тест за тоа дали уставната заштита на воените инвалиди важи и во пракса. Тест за тоа дали законскиот приоритет има реална содржина. Тест за тоа дали институциите ќе постапат по официјалното мислење на КЗСД. Тест за тоа дали јавниот станбен фонд ќе се управува транспарентно, законито и проверливо. Тест за тоа дали нашето семејство мора да води повеќе судски постапки за да добие една одлука и документи што по својата природа се јавни. По 24 години повеќе нема простор за нови известувања, нови препраќања и нови формулации дека предметот е во тек“, непоколебливо вели Митревска.
Комисијата за станбени прашања при Владата е работно тело кое одлучува по барањата за доделување, закуп и откуп на станови во државна сопственост, како и за решавање на станбените прашања на категории граѓани кои тоа право го остваруваат согласно закон. Иако нејзините одлуки директно влијаат врз остварувањето на едно од основните социјални права, работата на Комисијата е релативно затворена за јавноста. Во моментов нема јавно достапни информации за актуелниот состав на Комисијата, ниту редовно се објавуваат информации за бројот на предметите што ги разгледува, критериумите по кои одлучува и динамиката на решавање на барањата.
МКД.мк веќе пишуваше дека македонски бранител од војната во 2001 година, 100 отсто воен инвалид, со сопруга и две малолетни деца е целосно оставен сам на себе и без покрив над главата откако во 2003 година му била поплавена бараката од 36 метри квадратни која му била дадена како привремен монтажен објект. И покрај уставните гаранции, инспекциски наоди и аларми од Народниот правобранител, Владата не носи одлука, а нема ни одговор зошто македонскиот бранител е оставен без покрив над глава.
Искра Опетческа






