Ова не е само уште една приказна за административен пропуст. Ова е приказна за систем кој со години не функционира, за институции кои молчат и за држава која не ги почитува сопствените закони кога пред неа стои човек што веќе ја платил највисоката цена, со цел одбрана на татковината, вели во разговор за МКД.мк, И.С., сопруга на македонскиот бранител од војната во 2001 година, 100 отсто воен инвалид. Сопругата на оштетениот воен инвалид и мајка на неговите деца, посочува дека нејзиниот сопруг потекнува од семејство кое има историски континуитет во одбрана на државата, односно дека тој е внук на учесник во Народно-ослободителната борба (НОБ) кој бил одликуван со Медал за заслуги за народ.
Наместо стан привремена барака без услови за живеење
Македонскиот бранител од војната во 2001 година, воен инвалид, корисник на постојана нега и помош, татко на малолетни деца, веќе 16 години чека државата да донесе конечна одлука за решавање на неговото станбено прашање. Но, наместо решение добива празни, административни известувања. Наместо сигурен и топол дом, има руинирана барака во Скопје во која нема услови за живот после поплавата во 2008 година.
„Во 2003 година ни беше даден привремен монтажен објект – барака. По поплавата во 2008 година, таа барака стана руина, небезбедна и невселива. И самото Друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) во своите одговори потврди дека објектот е во многу лоша состојба, руиниран, запуштен, со искршени врати и прозорци, обраснат со трева и без услови за живеење, а дека не носи одлуки за доделување станови, туку тоа е надлежност на владината Комисија за станбени прашања. Тоа значи дека АДССДП знае дека објектот не е за живеење, а Комисијата знае дека мора да одлучи – и сепак решение нема. И ова не го велам само јас, ова е службено потврдено“, вели И.С., сопругата на македонскиот бранител чиј идентитет по препорака на надлежните институции, МКД.мк сега нема да го открие, а за кого редакцијата поседува документи кои ја потврдуваат голготата на ова македонско семејство кое е оставено без кров над глава.
Случајот не е непознат. Напротив, тој е официјално евидентиран во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2025 година како пример за долгогодишно институционално непостапување.
„Народниот правобранител интервенираше во Комисијата за станбени прашања на Владата заради ажурирање на постапката и доставување одговор до подносителите на претставки за постапувањето и донесената одлука во врска со нивните барања. Комисијата најчесто доставува формални одговори дека барањата сé уште не се разгледани, односно дека ќе бидат разгледани на некоја од нејзините наредни седници. За илустрација како државата, односно системот не треба да се однесува со граѓаните е случајот на лице со 100 отсто воен инвалидитет“, се наведува во Извештајот за работа на Народниот правобранител за 2025 година.
Државата знае, ама не постапува
Предметот е активен уште од 2010 година. Уште тогаш, надлежната Комисија за станбени прашања му ветила на македонскиот бранител дека барањето „ќе биде разгледано на некоја од следните седници на Владата“. Шеснаесет години подоцна, таква седница сè уште не е одржана. Во меѓувреме, следуваат десетици барања, дополнувања, ургенции, претставки. И секој пат, ист одговор дека процедурата е во тек, дека прашањето ќе биде разгледано, дека нема слободни станови.
„Предметот за станбено згрижување пред владината Комисија за станбени прашања е отворен од 2010 година. Уште истата година му беше кажано на мојот сопруг дека барањето ќе биде разгледано ‘на некоја од следните седници на Владата’. 16 години подоцна, ние сè уште немаме конечна, писмена и образложена одлука. И ова не е прашање на добра волја, ова е прашање регулирано со Уставот и соодветните закони“, вели И.С..
„Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон“, пишува во Уставот на Република Македонија.
А, според Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили предвидува дека воените инвалиди имаат право на приоритет при добивање стан под закуп, на неопределено време и со повластена закупнина.
„Воените инвалиди од I до VII група (100 отсто до 50 отсто) воен инвалидитет и членовите на семејството кои живееле во заедничко домаќинство со загинат или починат припадник на безбедносните сили и кои на територијата на Република Македонија немаат во сопственост стан или куќа, ниту користат под закуп стан во сопственост на Република Македонија имаат право на приоритет при добивање стан под закуп од становите во сопственост на Република Македонија наменети за социјално загрозени лица. Становите им се даваат под закуп на неодредено време, со повластена закупнина. Начинот и постапката за давање соодветен стан под закуп се спроведува согласно со одредбите на Законот за домување. Лицата можат да го откупат станот даден под закуп под поповолни услови согласно со прописите за продажба на становите во општествена сопственост“, предвидува Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили.

И инспекцијата утврдила непостапување на надлежните
По извршениот вонреден надзор, на 23 февруари 2026 година, Државниот управен инспекторат (ДУИ) јасно и недвосмислено утврдил дека владината Комисија за домување воопшто не постапила по предметот и тој никогаш не бил ниту ставен на дневен ред на комисијата.

Но, ниту ова не помогнало за решавање на станбениот проблем на ова македноско семејство. Наместо конечна одлука, семејството добива уште едно известување дека постапката е во тек. Без правна поука. Без образложение. Без рок.
Целиот апсурд станува уште поголем со фактот дека во 2003 година на ова семејство не му бил доделен стан, туку привремен монтажен објект од 36 квадратни метри. По поплавата во 2008 година, тој објект е уништен, небезбеден и фактички невселив што е службено потврдено од АДССДП кое во повеќе наврати констатира дека бараката е „запуштена, руинирана и без услови за живот“. Последен пат тоа е направено во март 2026 година, а теренскиот записник повторно го потврдува истото, искршени прозорци, оштетена конструкција, обраснат простор, т.е. објект кој не може да се нарече дом.

Системски парадокс, не живее во бараката, а мора да плаќа кирија
И покрај тоа што ова македонско семејство има службена потврда дека не може да живее во бараката која им била доделена во 2003 година, сепак државата со години водела извршни постапки за закуп за истиот тој објект. Поради ова, семејството се соочува со блокирани сметки поради „долгови за стан“, односно за тоа што не ѝ плаќа кирија на државата, за барака која не е употреблива за живот.
„Но најтешкиот дел не е само молкот. Најтешкиот дел е што паралелно со овој молк, државата дозволила или одржувала и извршни постапки за закуп за нешто што не е дом, туку руинирана барака. За нас тоа не беше ‘само постапка’. Тоа беше понижување.
Затоа што тие извршувања не одеа врз некаква споредна сметка, туку врз мојата единствена сметка на која примам воена инвалиднина и сродни примања. Откако ќе укажеме дека станува збор за примања по основ на воена инвалидност, сметката ми била деблокирана, но претходно сме плаќале и трошоци за блокада и деблокада без своја вина. Тоа не е само финансиски притисок. Тоа е удар врз достоинството на човек кому државата по Устав треба да му даде заштита, а не да му ја одзема и последната сигурност“, вели И.С., сопругата на македонскиот бранител.
Затоа, дополнува таа, оваа порака е директно и по име за оние што треба да ја слушнат.
„Оваа порака се однесува на Комисијата за станбени прашања при Владата, која со години не донесува конечен акт. Оваа порака се однесува на АДССДП, кое потврдува дека објектот е руиниран, а системот и понатаму произведува побарувања и последици. Оваа порака се однесува и на целиот институционален ланец што знаел за случајот — од надлежните органи, до оние што примале ургенции, извештаи и наоди — и сепак дозволиле едно лице со 100 отсто воен инвалидитет да остане заглавено помеѓу барака што не е за живеење, предмет без исход и извршувања за закуп“, вели сопругата на македонскиот бранител.
Но и покрај децениската голгота, семејството на овој македонски бранител верува во институциите особено по одговорите што ги добиле директно од кабинетите на премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и од Генералниот секретаријат на Владата во кои се наведува дека претставката е прифатена и е испратена на соодветно постапување со укажување до владината Комисија за станбени прашања.

Искра Опетческа






