Тврдењето дека новиот предлог закон за високо образование ги следи европските стандарди и ќе придонесе кон подобрување на квалитетот не е само претерано, туку суштински дискутабилно. Ова не е закон од „генерација 2026“. Ова е закон од „генерација 2010“. Доколку денес бевме 2008 или 2009 година, во периодот на усогласување со Болоњскиот процес, ваквиот пристап можеби ќе беше делумно оправдан. Но денес сме 2026 година, во сосема поинаков европски и глобален контекст, каде високото образование и истражувањето се развиваат врз принципи на институционална автономија, академска слобода, интегритет на истражувањето и governance модели на управување, а не врз централизирана контрола и нормативна детализација.
Во современиот европски простор на високо образование и истражување, квалитетот не се дефинира само преку формални квантитативни критериуми, туку преку поширока рамка што ги вклучува европските стандарди и насоки за обезбедување квалитет, Европската повелба за истражувачи и Кодексот за нивно вработување, како и принципите на отворена наука, академска слобода и институционална одговорност. Токму овие стандарди ја нагласуваат важноста на стабилни институции, фер и транспарентни кариерни патеки, рамномерна распределба на обврските и поддршка за истражувачката работа, нешто што во предложениот закон суштински отсуствува.
По повеќе од три децении независност и континуирани „реформи“, време е да се признае една непријатна вистина – проблемот на високото образование во Македонија не е нормативен, тој е вредносен и институционален. Не се работи само за квалитетот на студентите или за продукцијата на кадар. Проблемот е во самите универзитети, во нивната внатрешна состојба, во културата на функционирање и во „елитите“ што со години се репродуцираат од тие структури.
Универзитетот, по својата природа, треба да биде простор на интегритет, критичка мисла, јавна одговорност и општествен пример. Кога овие вредности се еродирани, резултатите не остануваат внатре во институцијата, тие се прелеваат во целиот општествен систем. Затоа денес не треба да не изненадуваат слабите јавни политики, институционалната нефункционалност и недостатокот на кредибилитет кај „експертите“. Тоа не се изолирани проблеми, туку симптоми на подлабока криза, криза на вредности и институционална култура во високото образование.
Во овој контекст, дополнително загрижува трендот на засилен политички интервенционизам и концентрација на моќ. Наместо зајакнување на автономијата, предложениот закон оди во спротивна насока. Современите европски политики јасно го следат преминот од government кон governance, од централизирано управување кон модели на споделена одговорност, институционална автономија и вклученост на повеќе актери. Во тие рамки, државата има улога да поставува стратешка рамка и да обезбедува услови, а не директно да управува со академските процеси.
Секое отстапување од ова значи директно поткопување на академската слобода и дополнително ослабување на ионака кревката академска средина. Особено загрижува тоа што таквата средина веќе со години не успева да продуцира силна интелектуална критика, ниту да постави јасни стандарди за квалитет врз основа на законски, етички и академски принципи. Наместо да се зајакне оваа функција на универзитетот, предложениот модел ја ограничува.
Еден од најпроблематичните аспекти на законот е начинот на кој се распределува товарот на „реформата“. Податоците според Завод за статистика (од оние информации до кои дојдов), велат: 42,6% од кадарот (редовни професори) се трајно изземени од новите критериуми, 37,2% имаат одложен влез во системот, а само 20,1% (асистенти) веднаш ќе ги почувствуваат новите барања. Ова отвора едно суштинско прашање: Како точно една петтина од системот треба да генерира квалитативен скок во целото високо образование?
Ова не е реформа, туку асиметрична регулација. Наместо да создаде квалитет, ваквиот пристап ја продлабочува генерациската поделба, ја нарушува довербата во системот и ја демотивира најпродуктивната група – младите истражувачи. Во спротивност со европските политики за истражувачи, кои инсистираат на стабилни и предвидливи кариерни патеки, фер третман и институционална поддршка, овде добиваме модел кој ја префрла тежината токму на најранливите категории.
Во услови на отворен европски истражувачки простор, ваквата политика директно поттикнува одлив на кадар. Наместо да создава услови за развој на научниот потенцијал, системот станува фактор на демотивација и иселување, што е во директна спротивност со стратешките цели за задржување и развој на човечкиот капитал.
Иако во законот постои формално повикување на европски документи, тоа останува на декларативно ниво. Европеизацијата е сведена на терминологија, без суштинско разбирање на принципите. Современите европски трендови се базираат на рамковни закони, институционална автономија, интеграција на академскиот и административниот капацитет, како и governance модели на управување. Во предложениот закон, овие принципи или се игнорирани или селективно интерпретирани.
Оттука, суштинското прашање не е дали законот „содржи европски термини“, туку дали ја разбира европската логика на универзитетот. Одговорот, за жал, е – не.
Во Македонија, неуспехот традиционално се оправдува со „претходниот закон“, „претходната влада“ или „надворешни фактори“. Но ако три децении ги менуваме законите, а резултатот е ист, тогаш проблемот не е во законот. Проблемот е во неговата непримена, во отсуството на институционална одговорност, во слабите механизми на контрола и во недостигот од интегритет.
Законот може да даде рамка. Но не може да создаде академска култура. Не може да создаде вредности, ниту пак да замени институционална зрелост.
Затоа, вистинската дебата не треба да биде „каков закон ни треба“, туку Каков Универзитет сакаме да имаме и какви луѓе сакаме тој универзитет да создава?!
Додека не се соочиме со вредносната криза во самото срце на високото образование, секоја нова „реформа“ ќе остане само закон на хартија, без вистинска трансформација.
Реформата на високото образование е несомнено неопходна. Но ова не е таа реформа. Ова е нормативна интервенција без визија, без доверба и без разбирање на суштината на универзитетот како заедница на знаење, истражување и јавна одговорност.
Во рамките на политиките на Европската Комисија, EUA и EHEA, универзитетите се разбираат како носители на јавен интерес, втемелени врз принципите на академска слобода, институционална автономија и демократско управување, а не како структури подложни на директна државна контрола. Токму ова вредносно и концептуално определување го поставува универзитетот како клучен простор за развој на критичка мисла, демократска култура и општествена одговорност, што претставува суштинска основа на современиот европски модел на високо образование.
Доколку ова не се разбере навреме, и по една-три години, и по една деценија повторно ќе дебатираме и алармираме за потреба од нови закони, додека образованието продолжува да пропаѓа. Дали навистина имаме уште толку време да го трошиме на погрешни политики?
Катерина Климоска
(Авторката е истражувач во областа на меѓународните односи, европските студии и геополитиката и ЕУ експерт за високо образование и научноистражувачка дејност.)










