Како што информираат од МВР, М.А., вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Сектор за шумска полиција, и В.П., вработен во Министерството за внатрешни работи – РЦГР Исток, во својство на овластени службени лица, во текот на 2025 година, постапувале спротивно на законските прописи од Законот за полиција и Законот за шуми и не преземале мерки за спречување на кривични дела, меѓу кои и нелегална сеча на дрвја.
Според пријавата, тие не ги извршувале службените должности и не постапувале по издадените наредби за вршење на дејност, при што на лица организатори на кривични дела им оддавале информации поврзани со движењето на контролните патроли на МВР и Шумската полиција на подрачјата на Берово и Струмица.
Исто така, и покрај тоа што имале сознанија за нелегални активности поврзани со бесправна сеча, не постапиле согласно своите овластувања и работни обврски, со што овозможиле други лица да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери.
Од МВР најавуваат дека постапката ќе продолжи во надлежност на обвинителство.






