Пред ова, студиите за древна ДНК идентификувале само околу 21 случај на насочена селекција – вид природна селекција што се јавува кога една верзија на ген што носи изразена особина (како толеранција на лактоза по детството) ќе се покаже доволно корисна за преживување и репродукција за да се пренесе на повеќе потомци отколку помалку корисните верзии на генот, предизвикувајќи неговата фреквенција во популацијата нагло да се зголеми.
Недостатокот на докази укажувал дека насочената селекција била ретка откако современите луѓе се појавиле во Африка пред околу 300.000 години и почнале да се делат во различни популациски групи низ светот.
Комбинирајќи досега невидено количество податоци за древниот геном со нови компјутерски методи, новата анализа покажува дека насочената селекција всушност го поттикнала ширењето или опаѓањето на стотици генетски варијанти во западна Евроазија од крајот на леденото доба, и дека селекцијата се забрзала откако луѓето преминале од лов и собирање кон земјоделство.
Ова истражување ја покажува моќта на анализите на древна ДНК во расветлувањето на човечката генетска адаптација и други фундаментални принципи на еволутивната биологија, се наведува во соопштението.
Гардијан пишува дека луѓето со црвена коса, кои трпеле задевања или стереотипи за „огнен“ темперамент, би можеле да се радуваат дека од еволуциска перспектива тие всушност се победници. Голема генетска студија открила дека во Европа генот за црвена коса бил под активна селекција повеќе од 10.000 години.
Студијата, објавена во списанието Нејчр, немала цел да ги открие причините за овој тренд, туку се фокусирала на поширокото прашање – дали човечката еволуција стагнирала од појавата на земјоделството. Анализирајќи ДНК од речиси 16.000 древни човечки остатоци и повеќе од 6.000 живи поединци, научниците дале убедливи докази дека биолошката еволуција, всушност, продолжила со несмалено темпо.
„Можеби поседувањето црвена коса било корисно пред 4.000 години, или пак таа дошла попатно со некоја поважна особина“, рекле истражувачите.
Претходни истражувања покажале дека луѓето со црвена коса и светол тен можат поефикасно да произведуваат витамин Д, што, на пример, можело да донесе предност за преживување во северните клими.
Научниците идентификувале 479 генетски варијанти што, се чини, биле фаворизирани од природната селекција. Гените поврзани со црвена коса, светла кожа, подложност на целијакија и варијанти што ја намалуваат шансата за дијабетес, ќелавост и ревматоиден артритис, станале почести во нашата понова историја.
„Со овие нови техники и големото количество древни геномски податоци, сега можеме во реално време да набљудуваме како селекцијата ја обликувала биологијата. Наместо да бараме траги што природната селекција ги остава во денешните геноми користејќи едноставни модели и претпоставки, можеме да им дозволиме на податоците сами да зборуваат“, изјавил Али Акбари, главен автор на студијата и виш научен соработник во лабораторијата на генетичарот од Харвард, Дејвид Рајх.
„Ова дело ни овозможува да го одредиме местото и времето на силите што нè обликувале“, рече Дејвид Рајх, професор по генетика на Институтот „Блаватник“ на Медицинскиот факултет Харвард, професор по човечка еволутивна биологија на Харвардската школа за уметности и науки и виш автор на студијата.
Потенцијалните придобивки од некои селектирани гени изгледаат интуитивно јасни. Гените поврзани со црвена коса и светол тен „веројатно одразуваат селекција за зголемена синтеза на витамин Д во региони со малку сончева светлина кај земјоделците кои го имале малку во исхраната“, заклучиле научниците.
Други трендови било потешко да се протолкуваат. Мутација што претставува голем фактор на ризик за целијакија се појавила пред 4.000 години и оттогаш станувала сè почеста. Се чини дека луѓето со оваа генетска варијанта имале поголеми шанси да преживеат и да ги пренесат своите гени на следната генерација, и покрај ризикот од автоимуно нарушување.
Слично на тоа, имунолошкиот ген наречен TYK2, кој драматично го зголемува ризикот од туберкулоза, постојано растел во периодот меѓу 9.000 и 3.000 година пред нашата ера, пред повторно да почне да опаѓа. Една од можностите е дека овие гени што носат ризик од болест можеле да бидат корисни во заштита од патогени кои станале почести во одредени временски периоди.
Студијата исто така открила негативна селекција за комбинации на гени што поттикнуваат висок процент телесни масти, што истражувачите го поврзале со хипотезата за „штедливи гени“. Ова укажува дека генетската адаптација за складирање масти, која би била корисна за преживување во периоди на оскудица кај ловците-собирачи, станала недостаток кога земјоделството довело до посигурна достапност на храна, наведува Гардијан.
Повеќе од 60 проценти од поединечните варијанти на ДНК што биле означени како силно селектирани имаат документирани врски со денешни човечки особини, како што се:
- посветол тен,
- црвена коса,
- ризик од целијакија и Кронова болест,
- имунитет на инфекција со ХИВ и отпорност на лепра,
- помала шанса за ќелавост кај мажите,
- понизок ризик од ревматоиден артритис и алкохолизам,
- поседување Б верзија на протеин на црвените крвни зрнца (крвни групи А, Б и О), што влијае на отпорноста кон бактериски и вирусни инфекции.
Во некои случаи, групи генетски варијанти биле под селекција заедно за да влијаат врз полигенски особини. Некои промени ја зголемиле зачестеноста на корисни особини, вклучувајќи ги оние што денес се толкуваат како:
- особини поврзани со „здравствен век“, како побрзо темпо на одење,
- мерки на бихевиорален и општествен статус или когнитивни функции, како резултати на тестови за интелигенција, приходи на домаќинството и години образование.
Други промени ја намалиле зачестеноста на штетни особини, како што се:
- намален ризик од биполарно нарушување и шизофренија,
- понизок процент телесни масти, однос меѓу струк и колкови и индекс на телесна маса,
- помала подложност на пушење тутун.
Тимот открил дека некои други варијанти, како оние што сега се поврзуваат со подложност на туберкулоза и мултиплекс склероза, прво се зголемиле, а потоа се намалиле по фреквенција во текот на милениумите, што укажува на промени во притисоците врз животната средина.






