петок, 17 април 2026

Оштетени бараат надомест во судењето за Жан Митрев

На денешното судење, Жан Митрев пред Основниот кривичен суд во Скопје, оштетени пациенти и нивни роднини предјавија имотни побарувања за средствата што ги уплатиле за лекување.

Објавено на

часот

Сподели

Еден оштетен чија сопруга се лекувала во болницата побара надомест од 687.200 денари, сума која целосно ја уплатил за нејзиното лекување.

Друг оштетен сведочеше дека за лекувањето на неговиот татко платиле околу 15.000 евра, собрани од повеќе членови на семејството. Тој посочи дека биле повикани да платат за хемофилтрација непосредно пред смртта на пациентот.

Пациентка која лично се лекувала изјави дека за нејзината хемофилтрација биле уплатени 4.000 евра, и дека таа процедура била меѓу најскапите. Таа нагласи дека не го искористила целиот пакет за кој платила и дека по престојот во болницата заминала со четири бактерии.

„Се чувствувам оштетено во однос на износот на хемофилтрацијата која ми е уплатена. Другите помалку платиле, воедно, пакетот што го платив не го искористив, иако бев во многу лоша состојба, пет дена порано сум префрлена во полуинтензивна нега каде што немавме постојан надзор, забораваа да ми даваат терапии и од ‘Жан Митрев’ си заминав со четири бактерии и моето лекување продолжи и понатаму приватно“, рече таа.

Пациентката, воедно, пред Судот изјави дека добила повик да се откаже од судскиот процес.

„На 14 септември 2024 година добив телефонски повик од некој господин од Штип и бараше да дојде да потпишам дека се откажувам од судскиот процес. На прашање зошто би го направила тоа, ми рече ‘да го спасиме докторот’ “, рече таа.

Друга оштетена жена предјави штета од 3.000 евра за една хемофилтрација направена на нејзината мајка, која подоцна починала.

Предметот е оформен по допрен глас, откако беше објавен документарец во кој се тврди дека болницата наплаќала високи суми за хемофилтрација при лекување од ковид-19.

Јавното обвинителство појасни дека не станува збор за „измама на пациенти“ во смисла на медицинска несоодветност, туку за класична измама – прикривање на клучни факти за методот хемофилтрација, со што пациентите биле доведени во заблуда.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ