петок, 17 април 2026

Орбан за поразот на изборите: Јас сум виновен, наскоро избор на раководство на партијата

По парламентарните избори одржани во неделата, сè уште актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан ја презеде целосната одговорност за поразот на неговата партија Фидес и најави „целосна обнова на десничарската заедница“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во своето прво големо интервју по изборите за јутјуб каналот „Патриот“, кога беше прашан кој е одговорен за резултатот од изборите, Орбан кратко одговори:

„Јас, јас сум претседател на партијата“.

Тој призна дека кампањата не дала резултати, иако, како што кажа, постоеле сите услови за поинаков исход.

„Добивме 2,3 милиони гласови, додека нашиот противник доби 3,1 милион“, кажа Орбан и најави детална анализа, особено меѓу гласачите кои претходно не гласале на изборите, но сега гласале против Фидес.

Зборувајќи за изборната ноќ тој кажа дека, врз основа на излезноста на гласачите, бил запознаен со резултатите.

„Видов дека ќе има проблем, поминав низ тој емотивен ролеркостер како и сите други. Сфатив дека нашата кампања не функционира. Беше изградена врз различна излезност на гласачите од онаа што ја имавме претходно. Сите што дојдоа дополнително гласаа во знак на протест против нас“, кажа Орбан.

Тој кажа и дека ќе предложи свикување партиски конгрес за избор на ново раководство, вклучувајќи претседател и потпретседатели. Зборувајќи за евентуално повлекување, тој ќе ја остави таа одлука на партијата:

„Ако тимот ми каже да седнам на задната клупа, ќе го направам тоа. И ако кажат дека треба да го водам тимот на натпревар како капитен, и тоа ќе го направам“.

Тој нагласи дека ова е трет пат од 2002 година да мора да „го реорганизира Фидес како движење“, најавувајќи свикување партиски конгрес и избор на ново раководство.

„До крајот на јуни ќе ја завршиме првата фаза од реконструкцијата“, кажа тој, истакнувајќи дека десницата, ако претрпи целосна реконструкција, би можела многу брзо да стане способна за дејствување и да се соочи со неправдата.

Премиерот во заминување призна и дека корупцијата и луксузниот начин на живот на дел од елитата околу Фидес влијаеле на резултатот.

„Никогаш не сум ја прикривал корупцијата, секогаш сум ги поддржувал властите да преземат мерки. Но, луксузот е друго прашање и влијаел на резултатот. Ова не може да продолжи вака“, оцени тој.

И покрај поразот, вели дека е подготвен да ја продолжи политичката борба и дека „би бил среќен да ја води партијата ако добие доверба за тоа“.

„Од целата оваа болка доаѓа нова енергија, одеднаш се чувствувам помлад“, додаде тој.

Зборувајќи за новата влада, предводена од лидерот на партијата Петер Маѓар, Орбан кажа дека Фидес ќе „поддржи секоја добра мерка и ќе се спротивстави на секоја лоша“, но го критикуваше повикот на новиот премиер претседателот Тамаш Суљок да поднесе оставка.

„Подеднакво е погрешно да им се заканува на Уставниот суд или другите уставни институции“, предупреди Орбан.

Во исто време, тој нагласи дека неговата влада остава значајно наследство.

На изборите на 12 април коалицијата на Фидес и Христијанските демократи ја загуби власта од опозициската партија Тиса, на која претседателот ѝ го довери мандатот за формирање нова влада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ