Камионот со останките од десет жртви на геноцидот, кои ќе бидат погребани, пристигна во Поточари, пренесува БХРТ.
Десетте жртви чии посмртни останки ќе бидат погребани се: Јусиќ (Заим) Сенад (1975), Бараковиќ (Рамиз) Муриз (1973), Мусиќ (Едхем) Хамед (1973), Алиќ (Шемсо) Рамо (1965), Османовиќ (Осман) Мухидин (1963), Ќеримовиќ (Рахман) Хусо (1963), Нукиќ (Суљо) Нуко (1957), Гуштер (Алија) Ахмет (1954), Куниќ (Омер) Асим (1953) и Даутовиќ (Мустафа) Рамо (1939).
Во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари досега се погребани 6.772 жртви на геноцидот.
По повод 31-годишнината од геноцидот, превозот на експлозивни материјали е забранет на територијата на Федерацијата Босна и Херцеговина.
Забрането е и движењето на тешки товарни возила со носивост поголема од 3,5 тони на сите патишта што водат од Сараево, Тузла и Зворник кон Поточари.
Генералното собрание на ОН на 23 мај 2024 година усвои резолуција со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг донесе пресуда според која Војската на Република Српска (РС) извршила геноцид во Сребреница во јули 1995 година.
Пред различни судови досега за геноцид и воени злосторства во Сребреница, според БХРТ, биле осудени повеќе од 50 лица на вкупно 700 години затвор, вклучувајќи ги поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќ, и командантот на војската на РС, Ратко Младиќ.





