Документот е доставен и до Народниот правобранител, Делегацијата на Европската унија во Албанија, Мисијата на ОБСЕ и Канцеларијата на Советот на Европа во Тирана.
Партиите кои ги претставуваат македонското, влашкото, египќанското и ромското национално малцинство, истакнуваат дека претстојната изборна реформа треба да предвиди јавно финансирање на изборните кампањи и редовно годишно финансирање на политичките партии на националните малцинства. Според нив, ваквата поддршка е неопходна за овие партии да можат рамноправно да учествуваат во политичкиот живот и во изборните процеси, бидејќи во моментов се наоѓаат во нерамноправна положба во однос на останатите политички субјекти.
Во препораките се нагласува и потребата од воведување загарантирано парламентарно претставување на националните малцинства во Собранието на Република Албанија. Според потписниците, актуелниот регионален пропорционален изборен систем не ја одразува демографската реалност на националните малцинства, кои се распоредени низ целата држава, а не се концентрирани во посебни изборни единици. Поради тоа, постојниот систем практично го оневозможува нивното ефективно парламентарно претставување.
Партиите потсетуваат дека голем број европски држави, меѓу кои Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Германија, Полска, Белгија и Косово, веќе имаат воспоставено успешни модели за загарантирано претставување на националните малцинства во парламентите. Овие примери, според нив, покажуваат дека ваквите механизми ја зајакнуваат демократијата, ја поттикнуваат политичката инклузија и придонесуваат за институционална стабилност.
Во документот се нагласува дека ефективно парламентарно претставување на националните малцинства не претставува само прашање на демократска еднаквост, туку и меѓународна обврска што произлегува од Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства. Особено се посочува Петтото мислење за Албанија, усвоено во 2023 година од Советодавниот комитет на Конвенцијата, во кое се препорачува Албанија да преземе позитивни мерки за обезбедување ефективно претставување на националните малцинства во Парламентот.
Потписниците изразуваат уверување дека усвојувањето на овие предлози ќе ја доближи Албанија до најдобрите европски демократски стандарди во областа на заштитата на правата на националните малцинства и ќе претставува значаен чекор кон поинклузивна демократија, политички плурализам, еднаквост и почитување на културната разновидност.
На крајот партиите ги повикуваат надлежните институции и меѓународните партнери сериозно да ги разгледаат нивните препораки при подготовката на измените на изборното законодавство, со цел да се обезбеди вистинско и ефективно учество на националните малцинства во политичкиот живот на Република Албанија.





