сабота, 11 јули 2026

Ѓоковиќ: Ми создаваат притисок за 25. грен слем, тоа ме нервира

Новак Ѓоковиќ по поразот од Јаник Синер во полуфиналето на Вимблдон изјави дека притисокот за 25. грен слем титулата го нервира и побара разбирање од медиумите и најблиските.

Објавено на

часот

Сподели

Новак Ѓоковиќ (39) по поразот во полуфиналето на Вимблдон од Јаник Синер отворено проговори за притисокот од јавноста поврзан со ловот на 25. грен слем титула. Српскиот тенисер не освоил грен слем од УС Опен 2023 година, а оваа сезона беше запрен во финалето на Австралијан опен и сега во полуфиналето на Вимблдон.

Иако постои голема желба за нов успех, уште една грен слем титула не е главна преокупација на тенискиот великан. По поразот од Синер, Ѓоковиќ побара разбирање од медиумите, познаниците, па дури и од некои луѓе од својот најблизок круг.

„Тоа не е крајна цел. Многумина ми создаваат притисок, некои луѓе од мојот најблизок круг, а и медиумите… И јас сакам 25. титула, но тоа не е конечна цел. Почна да ме нервира тоа. Да ги ставиме работите во перспектива. Како јас самиот да не сум доволен, како 24 титули да не се доволни, туку мора да биде 25. Како 400 недели на прво место да не се добри, туку да бидат 1000“, рече Ѓоковиќ.

„Мораме да бидеме благодарни. Ми се смачи од приказните за тоа кога ќе дојде 25. титула. Можеби никогаш и нема да дојде. Не би рекол дека тоа ми е крајна цел, но целта е да се подготвам најдобро и да бидам во врвна форма за грен слемовите“, додаде тој.

Ѓоковиќ е свесен дека грен слемови во неговата кариера можело да има и повеќе, но и помалку, и се труди да ужива во времето што му останало на најголемата сцена.

„Можев да освојам уште пет грен слема во мечевите што ги имав во свои раце, но исто така можев да загубам некои финалиња што на крајот успеав да ги извлечам. Не знам колку долго ќе трае сето ова. Би сакал луѓето да го почитуваат мојот избор и да не ме притискаат со прашања за пензија и за 25. титула, туку едноставно да ги почитуваат моите одлуки“, заклучи Ѓоковиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ