Повторното раѓање на марката џенсен е сè поблиску до реалноста. Џенсен интернешнал груп го откри името на својот нов спортски автомобил – ќе се вика интерсептор ГТХ, а изгледот на автомобилот ќе го видиме наскоро.
Џенсен интернешнел аутомотив го користи името интерсептор, што не е непознато за фановите на овој бренд. Токму овој модел ја зацврсти репутацијата на Џенсен како производител на луксузни гранд турери во текот на 1960-тите и 1970-тите. Впрочем, во последните петнаесет години тие работеа само на реставрации.

Новиот модел е инспириран од оригиналот, но компанијата нагласува дека не е модернизирана репродукција на стар автомобил, туку сосема нов и уникатен проект.
Компанијата вели дека автомобилот е развиен за да се натпреварува со моделите на Астон Мартин.
Директорот на компанијата Дејвид Дурден изјави дека моделот, претставен 60 години по оригиналниот интерсептор, ќе ја комбинира традиционалната изработка со модерната технологија.

„Џенсен интерсептор ГТХ од 2026 година ја комбинира традиционалната изработка со модерната технологија и јасно го покажува својот современ карактер. Се радуваме што наскоро ќе го претставиме првиот прототип, претпродукциски модел со високи перформаси кој ќе го забрза пулсот и ќе го однесе Џенсен во сосема нова област“, порача Дурден.

Новиот интерсептор ГТХ ќе има алуминиумска шасија и рачно изработена алуминиумска каросерија.
Под хаубата ќе се наоѓа специјално развиен V8 мотор, но техничките детали сè уште не се познати. Повеќе информации се очекуваат кога Џенсен ќе го претстави претпродукцискиот модел, веројатно во текот на вториот квартал од оваа година.
Така, Џенсен е уште еден британски производител кој се обидува да се врати на пазарот на луксузни спортски автомобили.






