Командантот на мисијата, Рид Вајзман, порача дека членовите на екипажот засекогаш се поврзани и дека од мисијата излегле како најдобри пријатели, со благодарност до сите кои учествувале во нејзината реализација, пренесува Скај њуз.
Астронаутката Кристина Кох истакна дека треба да се прослави фактот што вселенската агенција НАСА е посветена на вклучување на сите луѓе во истражувањето на вселената, истакнувајќи дека „секоја личност која има сон треба да има еднакви шанси да го оствари“.
Кох изрази уверување дека идната мисија Артемис ќе слета на Месечината.
Таа изјави дека мисијата ја научила дека целите можат да се постигнат преку напорна работа.
Виктор Гловер рече дека оваа мисија била кратка во споредба со, на пример, долгорочен престој на Меѓународната вселенска станица.
Сепак, тој нагласи дека е важно процесите да се спроведуваат до крај, бидејќи така се воведува учењето и промените за идните, подолги мисии.
Единствениот канадски член на екипажот на мисијата Артемис II, Џереми Хансен, рече дека му било навистина освежувачки да види колку луѓе ја следеле мисијата.
“Луѓето се навистина извонредни… Она што го видов ми донесе повеќе радост и повеќе надеж за нашата иднина”, истакна тој.
Членовите на екипажот ги опишаа и интензивните моменти за време на враќањето на Земјата, како и емотивните реакции по мисијата, наведувајќи дека многу од нив плачеле за време на комуникацијата со своите семејства од вселената.
Астронаутите, исто така, го истакнаа силното тимско единство за време на мисијата, наведувајќи дека 10 дена биле „буквално еден врз друг“ поради ограничениот простор, но дека успешно функционирале како тим.
Вајзман го бранеше и вселенскиот тоалет на вселенското летало и покрај повремените технички проблеми за време на мисијата, истакнувајќи дека системот „работел одлично“.
За време на нивниот престој во вселената, екипажот повремено се соочувал со проблеми со тоалетот, главно поради затнувања во системот за отпадни води, што го отежнувало празнењето.
Вајзман додаде дека во текот на првите денови од мисијата, тој го гледал испуштањето на содржината на резервоарот во вселената, опишувајќи ја глетката како „милијарди ситни честички мраз кои одат во длабоката вселена“.
Тој ги пофали инженерите кои го развија системот и рече дека „треба да бидат горди“.






