Зборувајќи на настан во Лас Вегас, Трамп рече дека војната оди „одлично“ и дека може наскоро да заврши. Претходно во Белата куќа, тој рече дека Иран се согласил да не развива нуклеарно оружје и да го предаде она што го нарече „нуклеарна прашина“, или збогатен ураниум за кој тврди дека е скриен под земја по минатогодишните американско-израелски напади.
Иран сè уште не ги коментирал овие тврдења. Трамп исто така додаде дека не е сигурен дека ќе биде потребно да се продолжи прекинот на огнот, кој истекува за пет дена.
Трамп изјави дека следната средба меѓу САД и Иран може да се одржи во текот на викендот и дека е можно продолжување на двонеделното примирје, но можеби нема да биде потребно бидејќи Техеран сака договор.
Војната со Иран е непопуларна во Соединетите Американски Држави и му остави на Трамп политичка главоболка само неколку месеци пред клучните избори, јави Ројтерс.
Американско-израелскиот напад врз Иран, што започна на 28 февруари, предизвика најлош шок на цената на нафтата во историјата и доведе до намалување на рејтингот на Меѓународниот монетарен фонд за глобалната економија и предупредувања дека долготрајниот конфликт би можел да го турне светот до работ на рецесија.
Пакистански извор вклучен во посредувањето меѓу САД и Иран во понеделник изјави дека е постигнат напредок во тајната дипломатија и дека претстојната средба меѓу двете страни би можела да резултира со потпишување договор.
Двете страни прво ќе потпишат меморандум за разбирање, а потоа и сеопфатен договор во рок од 60 дена, рече изворот.
„Деталниот договор доаѓа подоцна. Двете страни во принцип се согласуваат. А техничките делови доаѓаат подоцна“, рече изворот, зборувајќи под услов да остане анонимен, објави Ројтерс.
Дипломатски извор рече дека клучниот пакистански посредник, началникот на армијата, фелдмаршалот Асим Мунир, водел разговори во Техеран од среда и постигнал напредок во решавањето на „незгодните прашања“.






