петок, 17 април 2026

БиХ и Косово се спремни да испратат војници во Газа

Босна и Херцеговина и Косово денес објавија дека се подготвени да испратат војници во Појасот Газа како дел од можни странски сили чија задача би била да ја стабилизираат таа палестинска територија, во рамките на Одборот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Франс прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката на косовските власти ја одобрил парламентот, кој едногласно го поддржал текстот на законот кој дозволува интеграција на припадници на косовските безбедносни сили во идните сили за стабилизација под американска команда, доколку еден ден бидат распоредени. Тие сили би можеле да бројат вкупно до 20.000 војници.

Законот не го специфицира бројот на косовски војници кои би можеле да учествуваат во мисијата во Појасот Газа. Според медиумите, владата планира да испрати 22 војници. „Република Косово докажува дека е сигурен партнер и дека е подготвена да соработува со своите сојузници за поддршка на мирот, безбедноста, заштитата на цивилите и спроведувањето на меѓународните мисии“, кажа министерот за одбрана Ејуп Мачедонци.

Што се однесува до БиХ, министерот за одбрана Зукан Хелез ја дискутирал темата за време на состанокот во петокот во Вашингтон со Стенли Браун, раководителот на Канцеларијата за политичко-воени работи на американскиот Стејт департмент.

„Подготовките за оваа мисија се во напредна фаза и очекуваме дека повеќе од 60 припадници на оружените сили на Босна и Херцеговина ќе учествуваат во неа. Ова претставува значаен придонес на нашата земја кон меѓународниот мир и безбедност“, изјави Хелез во соопштение за медиумите. Учеството на БиХ во силите за Газа беше одобрено од Претседателството на БиХ во јануари.

Одборот за мир, првично создаден за да помогне во обновата на Појасот Газа по војната на Израел против Хамас, се состана за прв пат во Вашингтон во февруари за да разговара за финансирањето на напорите и распоредувањето на странски трупи.

Пет земји ветија дека ќе придонесат со војници во силите: Индонезија, Мароко, Казахстан, Косово и Албанија. Ројтерс неодамна објави, повикувајќи се на неколку извори, дека Одборот за мир се соочува со финансиски проблеми бидејќи добил само дел од 17-те милијарди долари ветени за Газа, што го спречува американскиот претседател да продолжи да го спроведува својот план за иднината на опустошената палестинска територија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ