петок, 17 април 2026

Колапсот на клучната океанска струја е поблиску отколку што се мислеше: Европа и Америка пред климатски шок

Колапсот на клучниот систем на атлантските морски струи е поверојатен отколку што претходно се проценуваше, што би можело да има тешки последици за Европа, Африка и Северна, Централна и Јужна Америка.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за Атлантска меридијанска циркуларна струја (АМОЦ), еден од најважните делови на глобалниот климатски систем, која веќе е најслаба во последните 1.600 години поради климатските промени.

Научниците забележале знаци на приближување кон критична точка уште во 2021 година, а познато е дека овој систем доживеал колапс и порано во историјата на Земјата, пишува Гардијан.

Новата студија ги комбинирала реалните мерења со климатските модели за да ги утврди најсигурните проекции.

Резултатите укажуваат на забавување на AMOЦ од 42 до 58 проценти до 2100 година, што речиси сигурно би водело кон негов колапс.

АМОЦ пренесува топли води од тропските предели кон Европа и Арктикот, каде што тие се ладат и тонат, создавајќи длабински струи.

Колапсот на таа струја би можел да предизвика поместување на тропскиот појас на врнежи, да го загрози производството на храна за милиони луѓе, да доведе до екстремно студени зими и сушни лета во Западна Европа, како и дополнителен пораст на нивото на морето од 50 до 100 сантиметри долж Атлантскиот Океан.

Лидерот на истражувањето Валентин Портман од истражувачкиот центар во Бордо изјави дека резултатите покажуваат поголемо слабеење на системот отколку што сугерира просекот на климатските модели, што значи дека АМОЦ е поблиску до критичната точка.

Климатологот Штефан Рамсторф од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам ги оцени наодите како „многу загрижувачки“, истакнувајќи дека попесимистичките модели, кои предвидуваат силно слабеење до крајот на векот, се покажуваат како пореални.

Тој предупреди дека критичната точка, по која колапсот станува неизбежен, би можела да биде достигната веќе до средината на овој век, додавајќи дека такво сценарио треба да се избегне „по секоја цена“, со оглед на огромните последици.

Забавувањето на AMOЦ е поврзано со забрзаното затоплување на Арктикот, поради што водата побавно се лади и тоне, додека зголемените врнежи дополнително ја намалуваат густината на површинските води, создавајќи повратна спрега што дополнително го забавува системот.

Иако прецизното предвидување е отежнато поради сложеноста и природните варијации на системот, научниците сметаат дека значително слабеење е сигурно веќе во наредните децении.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ