Преку внимателно селектирани дела од богатата колекција на Националната галерија, посетителите ќе имаат можност да проследат трансформација од традиционалното црковно сликарство кон профаното, граѓанско сликарство – процес што претставува една од клучните пресвртници во историјата на македонската ликовна уметност.
На изложбата ќе бидат презентирани досега неизложени, како и ретко изложувани икони и слики, создадени во периодот од средината на XIX до средината на XX век. Поставката вклучува дела од истакнати автори како Дичо Зограф, Никола Михаилов, Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски, Коста Шкодреану и Михајло Шојлев, но и непознати зографи, чие творештво ја отсликува постепената промена на уметничките принципи, тематиката и визуелниот јазик во македонската средина.
„Во текот на XIX век, зографите, иако верни на канонските правила на православното иконописно сликарство, сè почесто внесуваат елементи на индивидуален израз, поголема пластичност на формите, реалистичен пристап кон човечката фигура и интерес за просторот и природата. Под влијание на европските академски текови, овие промени постепено го отвораат патот кон појавата на профаното сликарство, во кое религиозните теми се заменуваат со портрети, историски композиции, пејзажи и сцени од секојдневниот живот“, посочуваат од Националната галерија на Македонија.
Изложбата, нагласуваат, има за цел да покаже дека токму овие автори претставуваат важна врска меѓу вековната иконописна традиција и современите уметнички текови што ќе се развијат во првата половина на 20 век.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на август.





