Новиот премин ја премостува реката Туман меѓу рускиот Хасан и севернокорејскиот Туманганг, во ретко населена област каде што реката ја формира границата пред да се влее во морето, пишува Гардијан.
Работите на мостот главно се завршени. Северна Кореја го финализираше својот дел од проектот, кој вклучува царински и карантински објекти, пред планираното отворање на 19 јуни. Русија, сепак, доцни со работите на својата страна од границата, па нов датум за отворање сè уште не е потврден. Руските и севернокорејските власти не го кријат проектот и тврдат дека неговата цел е поттикнување на трговијата и туризмот.
Сепак, истрагата на украинската организација за човекови права Трут хаундс укажува дека вистинската намера е создавање дискретен воен логистички коридор. Во анализата, која е споделена со Гардијан, се наведува дека клучната причина за таквиот заклучок е фактот што патниот сообраќај е значително потежок за следење со сателити отколку железничкиот.
Назар Михун, раководител на истражувањата од отворени извори во Трут хаундс, објаснува дека патната мрежа на Русија и Северна Кореја е далеку поразвиена од железничката, што го отежнува целосниот надзор. Камионите, исто така, можат побрзо да се натоварат и растоварат од возовите, кои подолго време се изложени на сателитско снимање.
„Типот на вагон што се гледа на снимките открива многу за товарот, а одредени категории стока се превезуваат во отворени вагони, што овозможува нивна идентификација. Од друга страна, камионите на сателитските снимки речиси секогаш изгледаат исто“, изјави Михун. Тој додаде дека товарот по пат може да се натовари речиси насекаде, за разлика од возовите кои зависат од неколку фиксни железнички јазли.
Руските власти проектот го претставуваат како средство за проширување на трговијата и туризмот. Министерот за транспорт Андреј Никитин изјави:
„Отворањето на новиот патен мост ќе ја зголеми меѓусебната трговија, ќе ја оптимизира логистиката, ќе ги зајакне културните врски и ќе ги претвори пограничните области во динамични економски центри.“
Севернокорејската државна агенција КЦНА на сличен начин го опиша мостот како средство за поттикнување на патувањата, туризмот и транспортот на стоки.
Организацијата Трут хаундс, сепак, тврди дека економската оправданост на проектот е слаба. Проценетата вредност на мостот изнесува повеќе од 100 милиони долари, додека билатералната трговија во 2024 година изнесувала 34 милиони долари. Туризмот од Русија кон Северна Кореја и понатаму е строго контролиран и главно ограничен на организирани тури, со околу 10.000 руски посетители во 2025 година.
Во истрагата се заклучува дека мостот треба да се гледа како стратешка инфраструктура -коридор за префрлање севернокорејски војници и воени претставници во Русија, како и за пренос на руска технологија во спротивна насока. Кремљ не одговори на барањето за коментар во врска со наводите од истрагата.
Мостот преку реката Туман е долг околу еден километар и широк седум метри, а е дел од поширок премин долг од 4,7 километри со пристапни патишта. Сателитските снимки покажуваат и изградба на дополнителна инфраструктура на руската страна, вклучувајќи и хелиодром.
Новиот патен мост го заобиколува техничкото ограничување на постојната железничка врска – Мостот на пријателството, каде што поради разликата во ширината на шините мора да се менуваат тркалата на вагоните. Истражувачите досега се потпираа на сателитски снимки од железничкиот премин за да ги следат сомнителните трансфери на оружје.
Изградбата на мостот започна откако Владимир Путин и Ким Џонг Ун во јуни 2024 година потпишаа договор за сеопфатно стратешко партнерство. Со тој договор Северна Кореја стана клучен воен партнер на Русија во војната против Украина, испраќајќи војници, артилериска муниција и балистички ракети.
Повеќе од 14.000 севернокорејски војници се бореле заедно со руските сили во Курската област по украинската контраофанзива во август 2024 година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија се подготвува да прими уште 30.000 севернокорејски војници.
Уште во 2023 година, Ројтерс објави дека сателитските снимки покажале околу 2.000 контејнери извезени од севернокорејското пристаниште Расон кон Русија. Се верува дека тие содржеле артилериски гранати и ракети со краток дострел.
Ким Џонг Ун јавно им оддаде почит на севернокорејските војници загинати борејќи се за Русија и претстави станбени објекти за нивните семејства. Се проценува дека во војната загинале најмалку 2.000 севернокорејски војници, додека двајца биле заробени.





