Првиот собир го одржа новиот тренер Иван Чупиќ, а на него присуствуваа седумте засилувања, како и речиси целиот костур од минатата сезона. Пред стартот на подготовките, своите очекувања ги изнесе еден од капитените Милан Лазаревски, кој порача дека амбициите на Вардар секогаш остануваат највисоки.
„Секогаш целите ни се највисоки. Претходно во многу наврати, ние играчите, тренерите и управата апострофираат дека секогаш целиме највисоко. Можеби имаме и цели кои некогаш отстрана се над нашиот капацитет. Сепак, сметам дека единствениот начин на кој би се подобрувале и би оствариле значаен резултат е да целиме што повисоко. Сметам дека ќе биде одлична сезона, екипата е доста подновена, ама имаме квалитет. Ќе се воигруваме и нè чека доста тежок подготвителен период, ама сигурен сум во изборот на управата и стручниот штаб за составувањето на тимот. Се надевам дека ќе одговориме на предизвикот, ќе се прикажеме доста добро во Лигата на шампионите и секако во домашниот шампионат“, изјави Лазаревски.
Тој истакна дека добрата атмосфера во соблекувалната отсекогаш била еден од главните адути на Вардар и дека искусните играчи ќе им помогнат на новајлиите што побрзо да се вклопат.
„Како што сум кажал и претходно, братството и единството кое владее во овој клуб, не само во овој нов Вардар, туку и од шампионските денови, таа кохезија меѓу играчите и стручниот штаб беше клучен фактор за успесите постигнати. Тоа нема да се промени, ќе продолжи таа традиција. Јас и играчите кои сме веќе некое време тука сме им се ставиле на новите ракометари на располагање уште пред да дојдат во Скопје, без разлика дали е поврзано со ракомет. Како морална обврска го презедов тоа на свој грб, заедно со уште неколку од „постарите“ играчи, да им ја олесниме транзицијата и прилагодувањето со цел да го покажат максимумот и најдоброто издание за Вардар“, додаде капитенот.
Во рамките на подготовките, Вардар ќе настапи на традиционалниот турнир „Крсте Андоновски“ во Охрид, а на крајот од август ги очекуваат и првите натпревари во Регионалната лига.





